Итен состанок на „Камп Ноу“: Гризман бара одговори каква му е иднината во Барса!

33

На сите маки во шпанска Барселона на резултатски план, нов проблем искрсна на „Камп Ноу“ со скапоплатената француска ѕвезда Ентоан Гризман, кој е незадоволен од статусот во тимот откако по рестартот на сезоната во четири меча има едвај 20 минути.

Гризман кој беше платен 120 милиони евра за да дојде од Атлетико Мадрид не е во преден план кај Кике Сетиен, па на последното дерби со неговиот бивш клуб (2-2) влезе во игра дури во судиското надополнвање, откако 90 минути ги преседе на клупата и овој потег ја прели чашата кај него и неговото семејство.

„Не може секој да игра“, образложи Сетиен за одлуката Гризман да го внесе во игра во последните моменти од мечот.

„Можеби не е логично да внесете некого во 90 минута, ама таков играч секогаш може нешто да направи индивидуално. Не се сложувам со тие што мислат дека јас не верувам во Гризман, тој е важен играч, само други околности ме натераа да го оставам на клупа. Знам дека му е тешко, ќе разговарам со него, ама нема зошто да му се извинувам“, додава Сетиен.

Според „Ле Паризиен“, Гризман преку својот менаџер побарал итен сстанок со челниците на клубот, за да се разговара за неговата иднина. Гризман и неговото семејство бараат одговори од управата да се изјасни каква му е иднината на Французинот во Барселона.

Според информациите на францускиот весник Гризман не сака да си оди, ниту сака да биде дел од некоја размена на играчи, ама не сака да седи на клупа. Наводно, Сетиен му најавил на Французинот дека во завршницата од сезоната ќе игра помалку, но Гризман не верувал дека на три од последните четири меча ќе биде резерва.