И без обезбедено мнозинство СДСМ за почеток на расправа за Законот за обвинителство

5

СДСМ инсистира на почеток на расправата за предлог законот за јавно обвинителство иако потребното двотретинско мнозинство се уште не е обезбедено, говорат неофицијални информации од Собранието. Но, ДУИ не се согласува да биде закажана седницата на чиј дневен ред треба да се најде законот за обвинителство без претходно да имаат збор од 80 пратеници дека че гласаат „за“.

Во текот на попладнето дел од пратениците од СДСМ најавија седница за 15 часот, но собранискиот спикер не закажа седница во тоа време. Пратениците велат немаат информации кога би се закажала седницата и додаваат дека само имаат насоки да бидат во парламентот.

Портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов денеска на прес конференција официјално не сакаше да открие колку од пратениците даваат поддршка за законот, но ги повика сите пратеници да го поддржат предлогот од Владата.

„Го преземаме најважниот чекор за нашата европска интеграција, после ова ЕУ е на потег. Затоаод овде ги повикувам сите мои колеги пратеници, да бидат на висина на одговорноста и да се стават во функција на правната држава и овој Закон зад кој застанаа и нашите меѓународни пријатели, ЕУ и САД да биде донесен со потребното мнозинство“, вели Костадинов.

Јасно е ВМРО ДПМНЕ дека нема да го поддржи законот, неизвесно е дали ќе бидат присутни на седницата доколку биде закажана. Портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски вели тие очекуваат законот да не биде донесен ваков како што е предложен и бараат следна одлука на Собранието да биде самораспуштање.

„Од Собранието очекува да не се донесе законот за обвинителство и одлуката за распуштање на парламентот да биде ставен на дневен ред од Талат Џафери“, вели Арсовски.

Инаку, за обезбедување на двотретинска поддршка за законот за обвинителство на мнозинството му недостасуваат гласовите на Алијанса за Албанците и БЕСА. Тие во текот на комисиската расправа побараат промена на членот 110 од законот со цел „бомбите“ да служат како докази и индиции и понатаму, но истото беше одбиено од мнозинството.