И Грузија остана без пола тим, не игра и стрелецот Окријашвили

41

Фудбалерот што ни даде гол од пенал во Тбилиси на мечот игран на 8. септември е повреден и нема да настапи заедно со уште пет стандардни првотимци

И Грузија остана без половина тим за денешниот меч против Македонија на националната арена „Тодор Проески“, а последниот во низа што отпадна за мечот од 20.45 часот е Торнике Окријашвили.

Стрелецот на голот за Грузија во ремито 1:1 против Македонија на 8. септември во Тбилиси има повреда и Грузијците објавија дека нема да настапи вечер.

Тоа е голем хендикеп за Владимир Вајс и за гостите, откако претходно беше познато дека нема да играат петмина стандардни членови на репрезентацијата.

Меѓу нив е и капитенот Јаба Канкава, кој има жолти картони и нема право на настап, а со него во Скопје не допатуваа и најголемиот талент на Грузија, Ѓорѓи Чакветаѕе, Гурам Кашија и Отар Кабакаѕе, заедно со Ѓорѓи Абурџанија.

Проблеми од ист карактер има и Игор Ангеловски, па и Македонија ќе биде хендикепирана.

Вечерва во мечот од четвртото коло во втората група од Ц сегментот ќе играме без Елиф Елмас, Енис Барди, Стефан Спировски, Аријан Адеми, Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу, Кристијан Тошевски и Ферхан Хасани.