И Грција забранува невакцинираните да влегуваат во затворен простор

3

Грција наскоро ќе им забрани на невакцинираните жители да влегуваат во низа јавни простори, најави премиерот на земјата, тврдејќи дека нејзината сегашна епидемија на ковид во голема мера е поттикната од оние што не примиле вакцина.

Почнувајќи од следната недела, на невакцинираните ќе им биде забранет влез во рестораните, кафулињата, театрите, баровите, спортските сали и музеите, меѓу другите затворени јавни места, рече во четвртокот премиерот Киријакос Мицотакис, истакнувајќи дека повеќе нема да се прифаќа негативен тест за ковид-19 како алтернатива на доказот за вакцинираност.

„Ова реално е пандемија на невакцинираните“, рече тој додека го најавуваше потегот во телевизиско обраќање, додавајќи „Грција жали за непотребните загуби бидејќи едноставно ги нема стапките на вакцинација на другите европски земји“.

Новите правила треба да стапат во сила в понеделник и Грците ќе мора да покажуваат сертификат за вакцинираност во продавниците, фирмите и другите затворени објекти за да им биде дозволено да влезат внатре. Оние што присуствуваат на религиозните служби, сепак, претставуваат редок исклучок, бидејќи од нив ќе биде баран само негативен тест за да влезат во црква или на друго место за богослужба.

Во обид да се поттикне засилената вакцинација кај постарите лица – популација многу поранлива на ковид-19 – граѓаните на возраст над 60 години ќе бидат принудени да го обноват сертификатот по период од седум месеци.

Иако властите се надеваа дека до есен ќе постигнат вкупна бројка на вакцинација од 70% кај грчката популација од 11 милиони, бројката во моментов изнесува околу 62%, според Ројтерс. Неделниот број на новозаразените продолжува да расте до рекордни максимални вредности: во четвртокот земјата објави 7.317 нови инфекции со ковид-19 и 63 смртни случаи, со што вкупниот број достигна повеќе од 860.000 случаи и околу 17.000 жртви од почетокот на пандемијата кон крајот на 2019 година.

Новите ограничувања во Грција ги отсликуваат сличните политики имплементирани на други места во Европа – и Австрија, Германија, Италија, Франција, Чешка и Словачка воведуваат ограничувачки мерки во јавниот живот за невакцинираните. Иако австриската влада неодамна воведе целосна блокада за милиони жители што не примиле вакцина, некои официјални лица во таа земја се залагаат за уште поостри политики, вклучително и национална наредба да се седи дома и за вакцинираните и за невакцинираните.