И Села го преферира СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ треба да се реформира

32

За поздравување е улогата на Зоран Заев и СДСМ во зачленувањето во НАТО; забрането е со нас да дојде и да преговара некој со намера да отвори теми кои веќе сме ги затвориле, како што е името на државата; ВМРО сè уште треба да се реформира.

Вакви ставови вечерва изнесе лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во емисијата “200” на Алсат М ТВ, одговарајќи на серија прашања за тоа со кого би сакал да формира влада по изборите, од што се стекнува впечаток дека и тој, како и Али Ахмети, го преферира СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ.

„На 15 јули кога ќе гласаат Албанците и останатите граѓани и кога ќе ни го дадат легитимитетот нам, јас веќе не сум Зијадин Села ниту Африм Гаши е Африм Гаши. Ние сме ветувањето што сме го дале ним и легитимирањето со глас на оваа ветување со програмата ‘Држава за сите’. Така што, јас немам зошто да создавам комотни ситуација за ниеден политички субјект. Од друга страна, за поздравување е улогата на Зоран Заев и СДСМ во настаните како што е тоа што денеска сме членка на НАТО, но тука е и опасноста дека постепено и кај нив се создаваат олигарси. Олигарси беа тие што ја насочија ВМРО кон Русија. Ние ќе бидеме гаранција дека нема да се случи такво нешто, повторно некој да се ориентира натаму. Како прво, кога реков тука се програмата и идејата, забрането му е на секого да дојде и да преговара со нас со намера да отвори теми кои ние веќе сме ги затвориле“, рече Села, алудирајќи на договорот со Грција.

Понатаму, на прашањето дали може да ги погледне во очи ВМРО-ДПМНЕ и да формира влада, по настаните од 27 април 2017 г. во Собранието, Села зборуваше дека од лични причини тој не може да им ги скратува правата на Албанците, со што не ја исклучи ниту можноста да формира влада со оваа партија. Но, во понатамошниот разговор, тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак, треба да се реформира.

„Хипотетички, јас ја кажав мојата преференција, иако не сум ја кажал никогаш, затоа што не сакам да создадам сигурни позиции никому со цел да продолжи да се однесува ноншалантно во однос на правото на Албанецот. Хипотетички процесите ќе треба да продолжат во таа смисла како што почнале. Потфрли владата на главната точка на која Албанците се надеваа, на правна држава, па дури сомнежите на граѓаните, па и моите со право се дека се направи хаос со случајот ’Рекет‘ со цел да се изгуби довербата на СЈО и денеска да сме без СЈО, тоа е за осуда. Но, реално немаме комотност да ги вратиме процесите назад. ВМРО сè уште има потреба да се реформира. Да се оттргне од минатото“, рече Села.
Али Ахмети, минатата недела, исто така на Алсат ТВ рече дека тој преферира по изборите да продолжат истите партнери како што се и сега во Владата, но додаде дека граѓаните одлучуваат.