Камчева со црвен тефтер пред себе сведочи: Се плашев од моќта на Јанева

43

И Ана Камчева, која денес дојде да сведочи за Рекет, пред судот рече дека не е скарана со обвинетите.

Откако даде заклетва, сопругата на Камчев одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска го повторува она што веќе го кажа нејзиниот сопруг, Орце Камчев.

И таа пред судот тврди дека Камчев во Империја влегол со нелегален договор на Јанева, Јовановски и Милевски, а дека во ова биле вмешани и обвинителката Лиле Стефанова, судијката на претходна постапка Весна Димишкова и нејзиниот брат адвокатот Васил Димишков.

Камчева со црвен тефтер, во кој има испишано текст со пенкало, сведочи на пултот во Основниот кривичен суд во Скопје. До сега никој од присутните не реагираше на тефтерот што Камчева го има отворено пред себе, со оглед на тоа дека пред судот како сведок треба да ја зборува вистината и само она што го знае.

Камчева во своето сведочење зборува за периодот од апсењето на Камчев, односно од 9 ноември 2018 година. Тогаш нејзиниот сопруг ја разбудил за да се сретнат со Милевски, кој им кажал дека наутро во 6 часот ќе имало претрес дома кај нив. Така и било, и Камчев тој ден завршил во притвор.

Камчева сведочи дека се плашела од моќта на Јанева, која ја нарекува „госпоѓа“, а случајот „Империја“ го нарече фингиран процес. Речиси во текот на целото свое сведочење, кога зборува за средбите со Јанева, Камчева гледа директно во обвинителката, која седи на обвинителната клупа отспротива. И Јанева одвреме навреме го крева погледот кон сведокот Камчева.