Камчев тврди дека „Рекет“ го пријавил кај директорот на УБК и кај Заев

28

Во текот на сведочењето пред судот Орце Камчев дополни дека немал доверба за да може да го пријави уценувањето на Бојан Јовановски кое што се прави со обележани банкноти за да може директно да му ги предаде и да го уапси полицијата, па затоа, како што рече се одлучил за случајот да му каже на директорот на УБК, Горан Наумовски и на премиерот Зоран Заев.

Камчев рече дека на Наумовски му кажал ќе го снима давањето на 100.000 евра на Јовановски.

„Немав доверба и не знаев што да направам. Човек од доверба ми беше директорот на УБК и се одлучив да одам да му покажам се што имам. За ова пријавив и кај премиерот Зоран Заев. Побарав да ме прими во неговиот кабинет, отидов и раскажав какви снимки имам, како ме рекетираат Јовановски и Јанева. Ме ислуша. Човекот беше запрепастен. Ми рече ‘остави ме два дена, шокиран сум. По два дена се јави и ми кажа сѐ што имам да пријавам и да однесам кај обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска.

Камчев дополни дека Јовановски злоупотребувал 95% од актуелните политичари, покажувајќи фотографии со нив, а тие не биле поврзани со неговата криминална шема. За вицепремиерката Радмила Шекеринска Камчев рече дека и таа била злоупотребена, така што Боки 13 му покажувал фотографија со неа, за да му се закани дека е близок и со неа и треба да ги даде парите.

„Горан ми даде совет да ги зачувам сите хард дискови во оригинал, како и сите уреди што се користени во снимањето додека бев во куќен притвор. Ми рече да ѝ ги дадам на обвинителката Русовска, зашто само таа може да ја разоткрие криминалната шема и да ги гони кривично Јовановски, Јанева и останатите актери во ‘Рекет'”, рече Камчев.

Камчев во сведочењето додаде дека не бил виновен и дека тоа ќе го докажел во иднина, а се однесува на случајот „Империја” за кој случај постапката ја води Лиле Стефанова.