Каракачанов за донацијата на вакцини за Македонија: Бугарија е држава на сите Бугари, покрај Вардарот живеат наши сонародници

86

Откако Бугарија најави дека ќе ѝ помогне на Македонија со вакцините против ковид-19, се огласи и бугарскиот вицепрепремиер Красимир Каракачанов.

– Тука не станува збор за соседи, станува збор за сонародници – изјави во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), прашан зошто, заедно со премиерот Бојко Борисов, решиле да им помогнат на соседите од Република Македонија со вакцини против ковид-19.

Тој додава дека не помагаат само на Македонија, туку и во Украина и Молдавија.

– И не само во Македонија, туку и во западните покраини во Украина и Молдавија каде има бугарски заедници. Му овозможивме на министерот за здравство да го уреди механизмот. На крајот на краиштата, Бугарија е држава на сите Бугари. Ние имаме сонародници кои живеат и надвор од Европската Унија – рече Каракачанов.

Новинарот на ова искоментира дека „сега и од кај Вардар ќе му се нафрлат“, сакајќи да каже дека ваквата изјава на Каракачанов ќе предизвика незадоволство во Македонија.

– Тие одамна се нафрлаат, не знаат веќе од која страна да се нафрлат – возврати Каракачанов.

Тој повторно ги спомена Македонците кои извадиле бугарски пасоши.

– Ние имаме сонародници кои живеат поради економски причини во држави кои не се членки на Европската Унија. Вие ми рековте ‘покрај Вардарот’. Таму има околу 120.000 бугарски граѓани. Тие можат и треба да се вакцинираат. Имаме наши сонародници и во Украина, Молдавија. Зборувам за компактни заедници, тие исто така се Бугари. И сега, кога ние ги признаваме за Бугари, треба да им дадеме можност да им се помогне. Ако сакаат, се разбира, сѐ тоа е доброволно – рече Каракачанов.