Карпош и Центар предничат, преку 12 илјади гласа повеќе во Скопје до 15 часот споредено со првиот круг

6

Во трите општини во срцето на Скопје во кои во првиот круг не беше избран градоначалник се забележува поголем одѕив во вториот изборен круг.

Највисок е во Карпош каде до 15 часот на гласање излегле 38,94 отсто од избирачите или во апсолутни бројки, разликата во однос на првиот круг е 3 551 повеќе.

Во Центар до 15 часот гласале 16 593. Во споредба со состојбата во исто време пред две недели, во вториот круг бројот на гласачи кои решиле да се определат кој ќе ги води Центар и Скопје е поголем за 3 078 гласачи.

За речиси 5 проценти е поголема излезноста и во Чаир. Таму, според последните обработени податоци, до 15 часот гласале 17 243 лица, односно 2 880 повеќе од првиот изборен круг.

Одѕивот е поголем и во Ѓорче Петров, Гази Баба, Кисела Вода и во Шуто Оризари.

Во Бутел и во Сарај, каде во првиот круг беа избрани општинските раководства, бројот на гласачи е помал отколку во истиот период пред две недели. Речиси 400 гласачки ливчиња помалку има во Бутел, за разлика од првиот круг, додека во Сарај таа бројка е помала за 2 848 гласа, ако се споредува со гласањето на 17 октомври, до 15 часот.

Во Аеродром бројот на гласачи кои сакаат да одлучуваат за избор на градоначалник на Скопје исто така е зголемен во вториот круг, но таму до објавување на текстот од ДИК не ги соопштија целосните бројки, односно не беа обработени речиси 20 отсто од пристигнатите податоци за излезноста до 15 часот.

Според расположливите информации, до 15 часот во Скопје гласале околу 145 000 гласачи или над 12 500 избирачи во споредба со првиот изборен круг.