Кај пациент од Куманово се утврдува дали пак му се вратил вирусот

48

Во следните денови ќе се знае дали кај пациент од Куманово кој прележал ковид-19 повторно му се вратила болеста, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека во светот има такви случаи, има податоци дека станува збор за некаква мутација на вирусот.

– Има потврда на рецидив на болеста, а се очекува за пациентот во Куманово овие денови да се потврди дали е таков случај – рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашње при посетата на болницата во Козле.

Тој додаде дека бројката на новозаболени од коронавирус во Скопје континуирано опаѓа, но дека расте во околините на Тетово и Гостивар, како и во Ресен и во Битола.

Засега е тешко да се каже со сигурност кога ќе се отворат градинките, и покрај тоа што на вработените им беше направен скрининг.
– Скринингот се направи во ситуација кога немаше голем број нови случаи. Децата се огромни трансмитери на болеста и затоа е тешко да кажеме кога ќе се отвора. Засега не – кажа министерот.

Тој додаде дека во модуларната болница кај Инфективната клиника се поставува централизиран доток на кислород.

– Многу интензивно работат, дел од лекарите се навистина преморени, дополнуваме со друг кадар, за да земат малку одмор две-три недели – рече Филипче.

Тој рече дека нема партиска агенда за овие избори, но вчера присуствувал на промоција на програма во Штип затоа што тој ја пишувал.

– Целосно сум посветен на решавање на корона кризата, немам партиска агенда – рече Филипче.

Во болницата во Козле се хоспитализирани дваесетина пациенти. Таму има две деца кои се згрижени со нивните мајки.