Керемедчиев: Бугарски партии блиски до Русија ги користат тензиите меѓу Софија и Скопје за зголемување на својот рејтинг

3

 

Во пресрет на претстојните избори во Бугарија одредени партии ја користат тензијата во односите меѓу Софија и Скопје, за да се обидат да го подигнат својот рејтинг и популарност, што ги загубија во последните години, изјави за Бугарското национално радио (БНР) поранешниот бугарски заменик министер за надворешни работи Милен Керемедчиев.

– Дури и да се предизвикаат судири и немири, партиите, кои се сметаат за патриотски, одат со одредена цел. Тоа е дополнително да ги влошуваат односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави Керемедчиев.

Според него, станува збор за партии кои имаат блиски контакти со Русија, но и со Србија.

– Зад овие провокации стои желбата за трајно наштетување на нашите билатерални односи, додаде Керемедчиев.

Осврнувајќи се на повлекувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов во земјава на консултации во Скопје, Керемедчиев изјави дека тоа е претпоследна мерка, а последна би била неговото отповикување, за што изрази надеж дека нема да се случи.

– Бугарија мора внимателно да ги документира и презентира сите примери на агресивност и говор на омраза пред ЕУ. Нивниот главен проблем сега е дали ги исполнуваат критериумите. Судија на тој двобој е Европската комисија, истакна Керемедчиев.

На македонско-бугарските односи во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) се осврна и поранешната министерка за надворешни работи Надежда Неински, која смета дека двете земји заедно мора да најдат начин да се заштитат од провокации, кои, според неа, ќе продолжат и во иднина.

– Бугарија треба да и помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа преку комуникација со политичари кои се проевропски и проатлантски определени, додаде Нејски.