Кил стои на патот на јубилејната „десетка“ на Барса во Лигата на шампионите

23

Крајот на 2020 година донесе елитно ракометно надигрување во Келн, каде четири екипи се борат за престижниот трофеј во Лигата на шампионите. Веспрем и ПСЖ отпаднаа со поразите во полуфиналните пресметки, па тоа значи дека финален судир во „Ланксес Арена“ ќе гледаме меѓу Барселона и Кил.

Благ фаворит на овој меч, како и на цел завршен турнир, е екипата на Чави Пасквал. Својата моќ и форма ја покажа со фантастична игра во големото дерби против ѕвездениот тим на Раул Гонзалез. Серијата без пораз каталонскиот тим ја продолжи и на најголемата сцена, но пред него стои уште една пречка пред зацртаната цел. Во изминатите неколку години, Вардар се погрижи да му го загорчи животот на ракометарите на Барса, па свесни дека истото може да се повтори и оваа година, тие многу посериозно ќе му пристапат на ова финале. Во истото ќе атакуваат на десеттата европска титула, прва по 2015 година, кога дел од тимот беше и нашиот Кирил Лазаров.

„Зебрите“ на Филип Јиха со херојска игра успеаја да го добијат дуелот со Дејан Манасков и Веспрем дури по продолжението. Можеби заморот ќе игра улога во дуелот против шпанскиот гигант, но на вакви натпревари сè што се случило претходно не важи и ќе одлучува желбата кај актерите на теренот. Трикратниот шампион на Европа игра променливо оваа сезона, но кога ќе го одигра својот најдобар ракомет, покажува дека е речиси невозможна мисија за секој противник.

Меѓусебните дуели исто така ја потврдуваат фаворитската улога на Барселона. Четири последователни натпревари завршуваат во полза на екипата од „Палау Блауграна“. На последните десет соочувања, шпанскиот клуб има седум победи, два порази, а само еден меч завршил без победник.

Во мечот за утеха ќе се надигруваат ПСЖ и Веспрем, во обид да ја заокружат годината со место на пиедесталот меѓу најдобрите екипи во Лигата на шампионите. Натпреварот за трето место се игра во 18:00 часот, а во терминот од 20:30 часот ќе започне борбата за европската титула.