Ким се пофали со нова ракета на огромната воена парада среде пандемија

32

На воената парада одржана во центарот на Пјонгјанг, Северна Кореја претстави нов вид балистичка ракета што се лансира од подморница, како дел од крајот на осумдневниот конгрес на владејачката Работничка партија.


Медиумите ја опишаа балистичката ракета како најмоќното оружје во светот, а на настанот присуствуваше и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој беше назначен за генерален секретар на партијата на конгресот, најавувајќи зголемување на нуклеарниот арсенал во земјата.

Демонстрацијата на воената моќ на оваа земја доаѓа само неколку дена пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и по ретката политичка средба на која Ким ги прогласи САД за најголем непријател на неговата земја.

Фотографиите кои кружат низ медиумите покажуваат промоција на најмалку четири големи црно-бели ракети кои беа пренесени покрај толпата луѓе што го држеа севернокорејското знаме со најголеми почести.

Аналитичарите велат дека оружјето никогаш порано не било видено, додавајќи дека новата година во Северна Кореја носи и ново оружје.

Облечен во кожен капут и со шубара на главата, Ким цело време се смешкаше и задоволно им мавташе на присутните на воената парада што се одржа на плоштадот Ким Ил Сунг, на која имаше и пешадиски трупи, артилерија и тенкови.

„Најмоќното оружје на светот, балистичките ракети за лансирање од подморници, беа презентирани една по друга, силно покажувајќи ја моќта на револуционерните вооружени сили“, објави Корејската централна новинска агенција.

На овој настан не беше презентирана најголемата интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) на Северна Кореја, која беше откриена на многу поголема воена парада одржана во октомври минатата година, кога се славеше 75-годишнината од основањето на Работничката партија.