Ким Џонг Ун вети дека ќе изгради непобедлива армија

7

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун вети дека ќе изгради непобедлива војска поради непријателските политики на САД, пренесоа државните медиуми. Ким појасни дека оружјето што го развиваат е за самоодбрана, а не за почнување војна.

Северна Кореја во изминатиот период тестираше нови проектили, за кои тврди дека се хиперсонични и противвоздушни. Нејзиниот јужен сосед во исто време тестираше сопствено оружје што се лансира од подморница.

„Ние не сакаме да се бориме против нашиот сосед. Ние не размислуваме за војна со никого, туку сакаме да спречиме војна. Се засилуваме за да одвратиме други од војна и да го заштитиме нашиот суверенитет“, изјави Ким при посетата на изложбата „Самоодбрана 2021“.

Тој притоа ги обвини САД дека ги подгреваат тензиите помеѓу Јужна и Северна Кореја.

„Америка постојано праќа сигнали дека не е непријателски настроена кон нас, но не се однесува така“, изјави Ким.

Џо Бајден во неколку наврати изјави дека е подготвен да разговара со Пјонгјанг, но дека санкциите ќе бидат олеснети дури откако ќе се откажат од нуклеарното оружје. Обединетите нации ѝ забранија на Северна Кореја да тестира балистички проектили, што таа никогаш не го почитувала.