Кина им дозволи на семејствата да имаат три деца

15

Кина објави дека ќе им дозволи на двојките да имаат три деца, завршувајќи ја строгата политика на две деца. Промената била одобрена од претседателот Шји Џинпинг.

Ова следува откако последниот попис покажал дека кинеската популација се зголемува со најбавно темпо во изминатите неколку децении. Тоа го зголеми притисокот врз властите да им дозволат на семејствата да имаат повеќе деца, со цел да се спречи намалувањето на популацијата.

Пописот, чии резултати беа објавени во почетокот на месецот, покажа дека лани биле родени околу 12 милиони бебиња, дури шест милиони помалку во споредба со 2016 година. Ова исто така е најмалата бројка на новороденчиња од 1960-ите.

Во 2016 година, владата ја укина контроверзната политика на едно дете и им дозволи на двојките да имаат најмногу две деца. Сепак, оваа реформа имаше краткотраен ефект и придонесе за зголемување на наталитетот само во првите две години.

Државните медиуми објавија дека новата политика ќе биде проследена и со стимулативни мерки за семејствата, не прецизирајќи какви.