Кинескиот милијардер и сопственик на Алибаба исчезна од очите на јавноста откако ја критикуваше владата

65

Кинескиот милијардер и основач на Алибаба, Џек Ма, се нема појавено во јавноста повеќе од два месеци, па медиумите шпекулираат дека тој исчезнал.

Тој не се појави во последната епизода од сопственото шоу „Африкански деловни херои“, во кое беше еден од судиите. Него го замени извршната директорка на Алибаба, Луси Пенг, а неговата слика беше отстранета од веб-страницата.

Портпаролот на Алибаба рече дека Ма не бил во жирито „поради конфликт во распоредот“, објави Фајненшл тајмс.

Деловната империја на Мао, Ант груп, беше под лупа на Пекинг откако Ма на 24 октомври одржа контроверзен говор во Шангај во кој го критикуваше регулаторниот систем на Кина поради задушување на иновациите, а глобалните банкарски правила ги спореди со „клуб на стари луѓе“.

„Денешниот финансиски систем е наследство од индустриската ера. Треба да поставиме нова, за следната генерација и за младите луѓе. Треба да го реформираме сегашниот систем“, рече Ма во својот говор.

Нешто повеќе од една недела подоцна, првата јавна понуда на Ант (проценета на рекордни 37 милијарди долари), која веќе имаше добиено одобрение од кинескиот надзорен орган за хартии од вредност, беше суспендирана.

Кинеските власти покренаа антимонополска истрага против Алибаба кон крајот на декември и ѝ порачаа на групата Ант да го преструктурира својот бизнис.

Последниот твит Ма го објави на 10 октомври минатата година.