Кинески епидемиолог тврди дека Кина ќе се соочи со три бранови на коронавирусот оваа зима

4

 

Откако Пекинг ја укина својата политика за нулта ковид, главниот кинески епидемиолог Ву Зунју рече дека Кина оваа зима ќе се соочи со три бранови на коронавирусот.

Градовите низ Кина со 1,4 милијарди луѓе се подготвуваат за првиот бран на инфекции, откако беа ублажени двегодишните строги ограничувања. Кинескиот претседател Си Џинпинг ги укина апликациите за следење контакти и им порача на граѓаните да останат дома доколку развијат благи симптоми. Претходно ваквите граѓани беа праќани во преполните болници.

Кина ги укина ограничувањата за Ковид-19 поради протестите низ целата земја кои се претворија во повици до претседателот и неговата Комунистичка партија да се повлечат од власта. Кинеските државни медиуми во саботата го цитираа главниот епидемиолог на земјата, Зунју, кој рече дека доколку строгите политики за ограничување биле укинати една година порано, во Кина ќе починеа околу 250.000 луѓе.

Епидемиолог вели дека Кина сега е во првиот од трите бранови на коронавирусот што ќе ја зафатат земјата оваа зима. Зунју очекува втор скок на заразени кога жителите масовно ќе се вратат во нивните региони од празниците за лунарната Нова година во јануари. Третиот бран на зарази ќе биде од февруари до средината на март кога луѓето ќе се вратат на своите работни места.

Зунју вели дека процентот на сериозно болни пациенти со Ковид опадна на помалку од 0,2 отсто од пријавените случаи, од 3,3 отсто минатата година и скоро 16,5 отсто во 2020 година. Сепак, официјалните броеви на случаи станаа несигурни откако Кина се откажа од масовното тестирање овој месец. Затоа Кина престана да објавува податоци за асимптоматски случаи минатата недела.

Официјалниот број на починати во Кина, исто така, беше доведен во прашање откако новинската куќа „Каиксин“ објави детали за повеќекратните смртни случаи од коронавирус што допрва треба да се додадат на 5.235 смртни случаи во Пекинг од почетокот на пандемијата. Според извештајот на здравствените власти, последниот смртен случај е регистриран на 23 ноември.