Клиниката за неврологија со „водич за справување со невролошки заболувања во услови на COVID-19“

88

Универзитетската клиника за неврологија изготви Водич за справување со невролошки заболувања во услови на Ковид-19 пандемија, кој содржи стручни препораки и насоки во однос на следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици, и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со Ковид-19. Препораките се направени врз основа на досегашните искуства и известувања од повеќе медицински центри, стручни асоцијации на невролози и мислења од експерти, а во согласност со иницијативaта на Европската академија за неврологија (EAN).

Водичот содржи посебни поглавја во однос на невролошките заболувања и ковид-19, како и генерални препораки за имуносупресивна/имуномодулаторна терапија кај пациенти со невролошки заболувања, како што се пациенти со мултипла склероза, миастенија гравис, невромускулни заболувања и неинфламаторни заболувања на централниот нервен систем.

– Со растечкиот број заболени од COVID-19, се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека ACE-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за SARS CoV-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации. Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од COVID19. Сознанијата за COVID-19 секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на COVID-19 пандемија не е дефинитивен. Се наоѓаме на турбулентен терен со постојани динамични промени кои бараат следење и збогатување на знаењата и токму тоа е основната идеја за изработка на овој краток водич, кој треба да биде рамка во која неврологот со своето знаење и искуство ќе направи процена и ќе донесе одлуки за третман запазувајќи го индивидуализираниот пристап кон секој пациент, се посочува во воведот на овој водич.

Во прилог може да го погледнете „Водичот за справување со невролошки заболувања во услови на COVID-19 пандемија“.