Клучна недела во Барса, сите карти се на маса

4

На едно коло до крајот на актуелната сезона, фудбалерите на каталонскоот гигант Барселона и математички ја осигураа втората позиција во Ла Лига. Барса има 73 бода, пет повеќе од третопласираниот Атлетико (М) и 12 помалку од новиот шампион, тимот на Реал (М). Во најновиот број на каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ е објавен текст со наслов: „Во Барселона започнува неделата кога ќе бидат донесени клучните одлуки“.

Новинарот пишува дека Барса мора да се фокусира на проектите за новата сезона откако и математички е осигурано местото кое води во Лигата на шампиони.

Сакаат повторно да се борат за шампионската титула, но само желбата нема да биде доволна. Мора да се фрлат на работа и тоа на повеќе фронтови. Прво ќе бидат дефинирани сите недостатоци на моменталниот состав, потоа ќе се обезбедат по двајца играчи на секоја позиција и на крај, Чави ќе разговара со сите играчи со цел да им објасни дали имаат иднина во Барселона, пишува каталонскиот весник.
Сите карти ќе бидат на маса, па играчите кои не се дел од планот на Чави ќе имаат доволно време за да одлучат за својата иднина. Чави веќе ги има информирано клупските челници дека сака осетно да го засили својот тим, но тоа зависи и од финансиската ситуација. Има неколку желби, но за да истите станат реалност прво треба да се задоволат економските варијабили, додава „Ел Мундо Депортиво“.
Освен работата на Чави, кога се во прашање потенцијалните засилувања, клучно треба да биде и дејствувањето на клупскиот претседател Жоан Лапорта кој заедно со управиот одбор треба да обезбедат околу 200 мил. евра од новите спонзорски договори како и од продажбата на телевизиските права.

Без тие пари, Барселона и шефот на стручниот штаб не можат да го реализираат амбициозниот прокет во која главната улога треба да ја одигра полскиот интернационалец од редовите на актуелниот шампион на Германија, тимот на Баерн (М), Роберт Левандовски, додава каталонскиот весник.