Ковачевски:„Пионерскиот дом“ Куманово и сличните објекти во државата повторно треба да бидат во функција на младите

3

 

Поранешниот „Пионерскиот дом“ во Куманово и сличните објекти во државава повторно треба да бидат ставени во функција на младите, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на Куманово. Одговарајќи на новинарско прашање за состојбата на речиси руинираниот објект во центарот на Куманово, Ковачевски рече дека разговарал со министрите за образование и наука и за култура за објектот и нагласи дека Владата мора да креира концепт ваквите објекти да се стават во функција на младите.

И тој како голем број кумановци го поминал детството во објектот, чиј помал дел пред неколку години беше пренаменет во детска градинка.

– Тој објект е во кој јас го поминав моето детство којшто, верувам беше најубавиот објект во градот Куманово и пошироко, во којшто младите можеа да се стекнуваат со различни апликативни, применети знаења од многу области коишто не беа опфатени во наставните програми во училиштата, глума, пеење и друго. Тоа беше првото место каде што се изучуваше англиски во Куманово, после Центарот за странски јазици во Скопје, практично тоа беше второто место каде се изучуваше англиски јазик, зборувам за период пред 40 години. И навистина кога ќе се види тој објект, тоа е практично најтажната слика која може некој да ја види за еден објект којшто бил дом на култура, дом на развојот и напредокот, пред сè на младите или пионерите како во тоа време ги нарекуваа, изјави Ковачевски.

Премиерот потенцираше дека за ваквите објекти Владата треба да смисли концепт и тие повторно да станат место каде што младите ќе творат.

– Јас на таа тема разговарав со министрите за образование и за култура. Во тоа време кога тие објекти пропаднаа и не само тој, туку на ниво на цела држава беа донесени несреќни одлуки од страна на тогашните влади, без да именувам било кого, практично тие беа оставени на милост и немилост на никого. Практично, беа без соодветен сопственик и единствен начин е Владата да осмисли концепт, не само за тој објект туку и за други објекти, со цел да бидат доделени во раце на сопственици односно на управители коишто ќе управуваат на најдобар начин со нив и ќе станат место какво што биле, како што биле планирани и наменети да бидат уште кога биле направени, изјави премиерот.

Во 2018-та година, дел од објектот на поранешен „Пионерски дом“ беше пренаменет и адаптиран за детска градинка „Детелинка“. Освен, тој дел останатиот е руиниран и речиси секојдневно е мета на вандали.