Ковачевски-Бетел: Силна поддршка од Луксембург за ЕУ интеграцијата на Северна Македонија

8

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска во Тирана, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан се сретна со премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, биле разменети мислења за досегашната соработка меѓу двете земји, како и планови во насока на зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји во претстојниот период.

Ковачевски изразил благодарност за досегашната поддршка и партнерство на Луксембург со Северна Македонија во НАТО, ООН и ОБСЕ, како и во евроинтеграциските процеси.

– Гледаме на Луксембург како на пријател кој ја вокализира својата поддршка во постигнување на нашите стратешки цели. Луксембург има посебно значење во остварување на нашите европски соништа-потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација кој се случи во Луксембург во 2001 година. Ние сме многу благодарни за постојаната вокална поддршка од страна на Луксембург и за препознавањето на напорите на Македонија во смисла на ЕУ интеграцијата, што ни дава оптимизам и сила да продолжиме со напорната работа на ЕУ реформската агенда, истакна премиерот Ковачевски, осврнувајќи се на досегашните билатерални средби.

Ковачевски го поканил премиерот Бетел да ја посети Северна Македонија и се заблагодарил на целосната техничка поддршка од страна на Луксембург како и за отворање на Виза центарот во Министерството за надворешни работи, со што Северна Македонија стана лидер во визната либерализација во 2008 година.

Фокус на средбата, се вели во соопштението, било и зајакнувањето на парламентарната соработка, а се нагласи и потребата од засилување на економската размена.