Ковачевски: Владата и компаниите мора да покажат единство за заштита на граѓаните

4

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја посетија компанијата за производство на јајца „Везе Шари“. За време на посетата, со сопственикот на компанијата Арбен Абдурахмани разговараа за предизвиците кои ги наметна економско-енергетската криза.

Премиерот Ковачевски пред новинарите посочи дека изминатиов период Владата е насочена кон стабилизирање на цените на основните прехранбени производи со цел еднаквост за сите како  основа на неговото работење.

-Во разговор со вработените во компанијата „Везе Шари“, како и со сопственикот, заклучивме дека мора да покажеме единство, за доброто на државата и за доброто на граѓаните во оваа криза. Последно во низата замрзнувања на цените на основните прехранбени производи се јајцата од кокошка.  Со ова, Владата оневозможува зголемување на цената на овие производи пред Велигденските празници и пред празникот Бајрам. Изминативе денови ме гледавте со министерот Бектеши, често во обиколка на маркетите, на терен заедно со директорот на државниот пазарен инспекторат, но истовремено и сите инспектори кои се дел од ДПИ се на терен за да точно утврдат дали мерките се почитуваат од страна на сите кои се дел од пазарот и продажбата на основните прехранбени производи, истакна Ковачевски.

Тој рече дека има редовно снабдување на целата малопродажба со сите основни прехранбени производи и дека во најголем се почитуваат мерките за ограничување на цените на основните прехранбени производи.

-Знаете дека ја замрзнавме цената на лебот, замрзнавме цена на дел од тестенините при што и ја намаливме и ја замрзнавме цената на дел од основните производи од млечната индустрија. За заштита на граѓаните донесовме одлука која ги обврзува малопродавачите минимум 70% од набавките кои што ги имале во текот на јануари и февруари во делот на снабдувањето со јајца од кокошка да ги имаат и во периодот кога цените се замрзнати што значи до 30 април. Ова е направено од причина што во нашата држава во моментов има најниска цена на јајцата, некаде 0,14 евроценти, додека цената на истиот производ во околните држави е најмалку 0,20 евроценти. Ова се конкретни мерки во кои нема недоречености и мора да се почитуваат. На терен досега инспекторатот има направено 500 контроли од инспекторските служби и тие ќе продолжат и во текот на наредните денови, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека со мерките донесени во текот на 2022 година и во 2023 година, околу 750 милиони евра се насочени кон граѓаните и кон задржување на ликвидноста на компании.

-Едно такво позитивно искуство има и „Везе Шари“, кои преку оваа програма имаат инвестирано во модернизација на опремата за производство, како и за изградба на современ земјоделско – сточарски комплекс. Компанијата „Везе Шари“ го има финансирано најголемиот проект во државата заедно со ИПАРД програмата во зголемување и осовременување на нивното производство, рече Ковачевски.

Сопственикот Арбен Абдурахмани искажа благодарноста за мерката за намалување на износите за електрична енергија.

– Тоа ни помогна многу за да можеме да опстанеме на пазарот и да немема големи проблеми. За време на кризата ние како компанијата инвестиравме,  сме во тек со нови инвестиции и нови работени места. Со поддршка од ИПАРД програмата и од различните мерки што ги нуди Владата сме ги користеле и затоа успеваме, изјави Абдурахмани.

Сите заинтересирани може да ги користат мерките на Владата за поддршка на инвестициите, порача министерот Бектеши.

-Секој граѓанин кој претходните пет години работел во странство и решава да се врати во Македонија ќе биде поддржан со 15 проценти од вкупната инвестиција која ќе ја направи согласно законот за финансиска поддршка на инвестициите. Пример ако некој вложи еден милион евра, ќе добие грант во висина од 150 илјади евра ако одлучи некој да се врати во државата да вложува во бизнис и креирање на нови работни места, истакна Бектеши.

Премиерот Ковачевски потсети дека скоро секаде низ државата има табла дека некој проект е реализиран со средства од ИПАРД програмата од ЕУ.