Ковачевски во Собрание да ги достави документите за кои се преговара со Бугарија, бараат пратеници од опозицијата

12

Група пратеници од опозицијата со писмо бараат од премиерот Димитар Ковачевски да ги достави во Собранието нацрт документите за кои се преговара со Бугарија и го повикуваат на дебата за овие документи во собраниската Комисија за надворешна политика.

Оваа дебата во Комисијата за надворешна политика, во контекст на потпишаниот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, како што велат, би се одржала во текот на април, во термин кој што ќе го одбере Ковачевски.

Како дополнителен аргумент за барањето, освен правата утврдени со Уставот, потписниците се повикуваат и на веќе воспоставената пракса од јули 2017 година кога тогашниот премиер лично учествуваше на Комисијата за надворешна политика и до пратениците го достави нацрт-договорот за добрососедство и побара седницата да биде затворена.

„Пратениците, како претставници на граѓаните имаат право да бидат запознаени со најновиот развој на настаните во македонско-бугарските односи, а вие како премиер имате обврска да дадете отчет пред пратениците и да доставите информации по нивно барање, согласно начелото на поделба на власта и воспоставените стандарди во државите членки на ЕУ“, пишува во писмото до Ковачевски.