Ковачевски: Македонскиот јазик ќе стане еден од службените јазици на ЕУ

0

Во своето воведно обраќање во Брисел, на првата Меѓувладина конференција, премиерот Димитар Ковачевски рече оти е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговорите за пристапување, вклучувајќи го и самото склучување на Договорот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.

Премиерот потенцираше дека посветено работат на надминување на предизвиците и унапредување на односите со соседите преку имплементација на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

-Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите како што недвосмислено го потврди Претседателката Фон дер Лајен во Собранието на Северна Македонија пред сите наши пратеници и целата наша јавност, рече Ковачевски.