Ковачевски не размислува да поднесе оставка

7

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски е дециден дека не размислува да поднесе оставка и покрај тоа што рокот за уставните измени е до ноември. Забележа дека Владата има ингеренции со управување со државата, а за уставните измени е потребно дво – третинско мнозинство.

-Тоа е обврска не само на Владата, туку и на сите политичко – општествени чинители во државата. Тоа е обврска на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните, бидејќи нашите граѓани сакаат и заслужуваат европска индина. Ние овде во детали разговараме што значи и членство во ЕУ, рече Ковачевски по средбата со лидерите на владината коалиција.

Посочи дека Романија, Чешка, Словачка по влегувањето во ЕУ имаат забрзан развој и повисок животен стандард, а како што вели Ковачевски, тоа е резултат на тоа што овие земји се членки на ЕУ.

-Ние сме имале поголем стандард од нив, кога сме биле дел од Југославија, а тие кога биле дел од Варшавскиот договор. Втора работа земја членка од фондовите на ЕУ добива 11 пати повеќе финансиски средства по глава на жител од земја кандидат и сето тоа се аргументи, коишто одат во прилог на зачленувањето на државата во ЕУ и тој процес не може да биде заложник на ничии интереси за дневно политичка потреба, подвлече Ковачевски.

Тој вели заради тоа мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени, туку како што рече, оваа Влада ќе покаже дека има парламентарно мнозинство кое е проевропско.

-Јас се надевам дека опозицијата на крајот ќе донесе одлука со која ќе се приклучи кон европскиот блок, бидејќи обврска е и на опозицијата да носи одлуки кои се од интерес на граѓаните, а врвен интерес на граѓаните е влегување во Европската унија. Патот кон ЕУ значи реформи, значи унапредување на сите системи и  области во општеството, вели Ковачевски.

Посочи дека изминатите 11 години земјава ниту имаше зголемен Бруто домашен производ (БДП), ниту пак развој на економијата.

-Ние денес со влегувањето во НАТО имаме зголемен број на странски инвестиции, зголемен број на работници коишто работат во странски компании. Тие работници, преку тие работни места ги плаќаат платите на вработените во јавниот сектор, преку плаќањето на даноците, рече Ковачевски.

Порача дека ова се аргументи зошто државата треба да стане членка на ЕУ, а заштитени се јазикот и идентитетот, а  сега ни остануваат исполнување на одлуки  кои се однесуваат на обврски од преговарачката рамка.