Ковид 19 во Македонија: Трошка надеж дека епидемијата се смирува или случајност?

За првпат во последните две недели, бројот на позитивни лица на ковид-19 од вкупниот број на тестирани во земјава во последното деноноќие е понизок од 10%.

100

Дали бројките сугерираат дека состојбата конечно ќе почне да се смирува или сепак станува збор за случајност?

Во последните 24 часа се направени 1 363 тестирања, а регистрирани се 118 нови случаи на ковид-19. Со оваа стандардна реченица почна денешната редовна информација од министерството за здравство на нивната „Фејсбук“ страница за состојбата со ковид-19 во Македонија во последните 24 часа.

Со едноставна математичка операција може веднаш да се дознае дека во последното деноноќие, 8,7% од вкупниот број на тестирани лица биле позитивни на ковид-19

Најдобро во последните две недели
„360 степени“ од почетокот на ковид-19 епидемијата во земјава редовно ги следи трендовите поврзани со новиот коронавирус, согласно бројките кои ги објавува министерството за здравство. Така, ако историски се разгледаат податоците за процентот на позитивни граѓани на ковид-19 од бројот на тестирани, лесно се увидува дека денешниот „резултат“ е најдобар во последните две недели.

Како што покажува графиконот подолу, во последната седмица, бројката на позитивни од тестирани била релативно стабилна и се движела од 12% до 14%. Неделата претходно пак, имаше повисоки вредности кои достигнаа и до рекордни 20,8% позитивни од тестираните на 14 јуни. Последен пат кога имало помалку од 10% позитивно било на 9 јуни, а во јуни има само уште еден таков случај, како на 2-ри имало 8,6% позитивни од тестираните. Додека бројка на позитивни под 10% е добар резултат, тоа секако се уште не е посакуваната цел. Кога епидемијата се смири по априлскиот врв на заразата, вообичаено беше да има денови кога бројот на позитивни беше под 5%.

Благо успорување на растот на активни случаи
Вториот показател кој дава уште малку надеж е бројот на активни случаи. Тоа е резултатот кога од вкупниот број заразаени ќе се одземат бројот на оздравени и починати лица од ковид-19.

Графиконот подолу покажува како во јуни „експлодираше“ заразата, откако речиси цел мај имаше стабилен број на 400-500 активни случаи. Но, суптилноста на која треба тука да се внимава е колку брзо растеше бројот на активни случаи. Така, за да стигне од 1 000 до над 2 000 заболени беа потребни само осум дена. А за да стигне од 2 000 до над 3 000 активни случаи беа потребни повеќе, односно вкупно 10 дена.

Навидум станува збор за мала разлика, но како што покажува и кривата, не е незначителна. Бидејќи, за првпат од почетокот на јуни, линијата не искачува вртоглаво нагоре, туку полека почнува да се движи кон израмнување

360 stepeni.mk