Ковид-19 во Скопје: Во болниците има 497 пациенти, 30 нови во последните 24 часа

14

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 30 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, соопшти Министерството за здравство.

Со оваа бројка, вкупно 497 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Во последното деноноќие половина од новопримените се на интерните клиники – вкупно 15 приеми и тоа еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за нефрологија, тројца на Институтот за ТБЦ, тројца пациенти на Клиниката за дерматовенерологија. На ОРЛ се примени шест нови болни, а двајца на Очната клиника.

Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало шест нови приеми на пациенти, додека на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани девет лица со ковид.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 13 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 30, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 50 пациент со симптоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, на Клиниката за очни болести 20 пациенти, а на ОРЛ 24. На Клиниката за Гастроентерохепатологија има 26 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 107 хоспитализирани, на Клиниката за инфективни болести 145 пациенти, додека на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 43 пациенти.