Ковид-19: Над 100 пациенти во земјава досега се третирани со конвалесцентна плазма

19

Институтот за трансфузиона медицина соопшти дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Од нив 68 единици се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 30 дарители, додека 59 единици се обезбедени преку стандардно дарување.

Досега над 100 пациенти со ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма.

Конвалесцентната плазма содржи антитела од оздравените пациенти кои се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19. За едно лице да биде дарител на конвалесцентна плазма, треба да има документиран лабораториски доказ дека било заболено од ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен (трет) тест за да се потврди дека нема присуство на вирусот. Исто така, согласно протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.

Од Институтот за трансфузиона медицина апелираат до сите оздравени пациенти кои имале ковид-19 да донираат ковалесцентна плазма за да им помогнат на лицата кои во моментот со борат со болеста.

Сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.