Ковид-19: Светот сруши уште еден рекорд на новозаразени, Европа се затвора за да спречи ескалација по празници

26

Рекордни над 4,3 милиони нови случаи со ковид-19 се забележани на светско ниво минатата недела, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

Со овие бројки е срушен уште еден неславен рекорд, кој досега изнесуваше 4 милиони нови случаи, а беше поставен во неделата од 16 до 22 ноември.

Бројот на смртни случаи во изминатата недела на глобално ниво, пак, изнесувал 75 028.

Според СЗО, Америка и Европа го носат товарот на пандемијата, со 85 проценти нови случаи и 86 отсто починати.

За да се спречи ескалација на состојбата, речиси сите европски земји излегоа со апели за одговорно празнување за Божиќ и Нова година, а ги заострија и мерките.

Германија денеска го минува првиот ден од карантинот со заострени мерки кој ќе трае најмалку до 10 јануари, а беше воведен во пресрет на празниците. Затворени се сите продавници, дуќани, театри, а работат само неопходните, односно супермаркетите, аптеките и банките. Се затворија и училиштата, а наставата се префрла онлајн. Баровите и рестораните, исто така, ставија клуч на врата, а работат само оние што вршат достава на храна или служат храна за носење, но се забранува јадење во близина на ресторанот. На Германците им се забранети и големи собири. Дозволено е собирање на најмногу пет лица од две домаќинства. Исклучок ќе биде само периодот за Божиќ, од 24 до 26 декември, но не и за Нова година. За Божиќ блиските членови на семејството ќе може да го поминат празникот заедно – едно домаќинство ќе може да покани на гости најмногу четири возрасни лица од други домаќинства, но само ако се од кругот на потесното семејство, плус децата под 15-годишна возраст.

Франција, пак, за време на празниците ќе има полициски час кој ќе трае од 20 до 6 часот во кој граѓаните ќе смеат да ги напуштат домовите само со дозвола. Исклучок од ова правило ќе биде Бадник, додека новогодишната ноќ Французите ќе ја поминат во полициски час. Рестораните и баровите се затворени и така ќе останат најмногу до 20 јануари.

Мерките ги заостри и Велика Британија. Лондон од денеска е во категоријата на региони со најстроги правила. И таму не работат баровите и рестораните, освен оние што продаваат храна за носење и вршат достава, а затворени се и забавните паркови, театрите, кината

Јавниот живот од вчера запре и во Холандија. Сите продавници, освен оние за храна, музеите, спортските сали, театрите и фризерските салони се затворени на најмалку пет недели, односно до 19 јануари. Учениците од вчера не одат во училиште, а од денеска ќе почнат со онлајн настава.

Нови мерки се очекува да воведе и Италија, пишува Би-би-си. Точни детали засега не се познати, но италијанската влада размислува за рестрикции за божиќната и новогодишната ноќ. Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги повика граѓаните да избегнуваат „неодговорни“ собири за време на празниците и најави можно засилување на мерките за тој период.

На три часа пред дочекот на Новата година, Турција ќе влезе во целосен карантин кој ќе трае до утрото на 4 јануари. Пред неколку дена претседателот Реџеп Таип Ердоган соопшти дека во 21 часот на 31 јануари ќе стапи во сила полициски час кој ќе трае до утрото на 4 јануари.