Колку имунитет на коронавирус има населението во Македонија, денес започнува скрининг-тестирањето

11

Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски најави дека од денес ќе почне скрининг-тестирање по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на КОВИД-19 има населението во земјава. Тоа, рече, ќе помогне во планирањето на идните активности и на Комисијата и на државата.

Едно вакво тестирање беше направено пред една година и тоа покажа дека околу 30 отсто од испитаниците биле серопозитивни односно имаме некаков имунитет.

-Очекуваме да дознаеме во овој момент, една година после првото истражување, каква е серопреваленцата односно колку од тестираните луѓе имаат некаков имунитет. Ова го планираме за Град Скопје, но има можност да го прошириме и на Македонија за да добиеме пореални податоци за имунизацијата во овој момент. Точно пред една година кога го правевме испитувањето немаше достапни вакцини и тие триесеттина отсто серопозитивни се должеа исклучиво на прележана болест. Сега има многу повеќе прележани и вакцинирани, така што ќе добиеме некаква насока, рече претседателот на Комисијата.

Вчера беа регистрирани нови 920 случаи на Ковид-19 од 3.338 тестови или 27,5 отсто, починати 11 лица и оздравени 1.190 пациенти. Евидентирани се 119 реинфекции.

Од вкупниот број на починати лица (n=11), 6 лица се целосно вакцинирани, кај 9 лица се регистрирани коморбидитети.