Колку пари земаат општинските советници, а колку работат?

111

Годишните трошоци за исплата на надоместоците на советниците на единиците на локалната самоуправа во земјава изнесуваат над 215 милиони денари, односно над 3,5 милиони евра. Ова го покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации направена врз основа на податоците за 2019 година, добиени од општините и Градот Скопје, за висината на месечните надоместоци на советниците и бројот на одржани седници.

Вкупниот број на советници во сите 80 општини и Градот Скопје достигнува 1.319.

Најголеми годишни трошоци за советниците од 214 илјади евра има Градот Скопје. Следува Куманово со околу 115 илјади евра, а на следните три позиции се Тетово, Битола и Гостивар со годишни трошоци од околу 104 илјади евра. На дното се општините Новаци и Конче со по 16 илјади евра, Зрновци со околу 14 илјади евра и Вевчани со нецели 9 илјади евра годишни трошоци за советниците.

Анализата покажува дека само 12 општини не го исплатуваат максималниот месечен надомест што им го дозволува законот, а некои општини дури исплатуваат и поголем надомест од законскиот максимум (определен во член 29-б од Законот за плати и други надоместоци на пратеници во Собранието на РМ и други избрани и именувани лица во Републиката).

Согласно законот, месечните паушали се највисоки во Град Скопје и се во висина на просечната плата исплатена во државата во претходната година. Во останатите единици на локалната самоуправа месечниот надомест се утврдува како процентуален износ од просечната месечна плата во претходната година, но не повеќе од 40% во општини до 10.000 жители, 50% во општини од 10.001 до 25.000 жители, 60% во општини од 25.001 до 50.000 жители и 70 % во општини над 50.001 жител. Претседателите на советите добиваат за 30 % поголем износ на паушал од советниците.

Оттука, месечниот надомест за советниците на Град Скопје во 2019 година изнесува 24.276 денари, а на претседателот на Советот 31.559 денари. По општини, највисок месечен паушал имале советниците на Општина Кичево каде им е плаќано по 19.610 денари, а најнизок месечен паушал имале советниците на Општина Вевчани во износ од 4.855 денари. Податоците претставени во следниот табеларен приказ се обезбедени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во 12 општини исплатувани се паушали кои се пониски од законски дозволениот максимум. Значително пониски паушали од дозволените се исплатувани во општините Вевчани, Липково, Василево, Студеничани и Зрновци. Кај следниве седум општини, паушалите се само за помалку од 10% пониски од максималните: Делчево, Јегуновце, Новаци, Чешиново-Облешево, Арачиново, Ново Село и Конче.

Спротивно, паушали повисоки од законскиот максимум има кај 15 општини. Од нив, кај 10 општини станува збор за мали разлики од 1% до 4% и можат да се објаснат дека се од техничка природа, но кај пет општини станува збор за износи на паушалите кои се поголеми од максимално дозволените за 11% до 18%. Станува збор за општините Пробиштип, Врапчиште, Кичево, Могила и Карбинци.

Инаку, за да се исплати месечниот паушал на советниците, мора во месецот да биде одржана барем една седница на советот. А токму овде има и голема разноликост во однос на бројот на одржани седници на советите на општините. На врвот е Градот Скопје со одржани 27 седници годишно, а на дното се Сарај, Студеничани и Пласница со по 9 седници и Центар Жупа со само 6 седници.

Сведено според учинок, односно кога исплатените вкупни пари по советник ќе се стават во однос на одржаните седници, произлегува дека најплатени се советниците од Кичево, кои добиваат 18.102 денари по седница, а најмалку платени советниците во Вевчани по 4855 денари. Советниците во Град Скопје кои земаат месечно највисоки паушали, всушност добиваат по 10.789 денари по седница.

Податоците од ова истражување, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ги става на располагање во отворен формат за да послужат како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации, граѓаните, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.