Колку сме и каде сме-денеска ќе се објават резултатите од пописот

11

Првичните резултати по завршување на ланскиот есенски попис беа дека во Македонија живеат над 1, 8 милиони граѓани.

Изминативе денови имаше неколку медиумски овјави за бројот на население претставен само преку односот на процентот на Македонци и Албанци иако со пописот по две децении ќе имаме и прецизен приказ на бројот на жителите во населените места особено откако е јасно дека државата изгубила околу 10 проценти од населението кое што живее на територијата на Македонија.

Настанот на кој ќе бидат презентирани резултатите од пописот, како што соопшти Државниот завод за статистика, е поделен во два дела: Во првиот дел, со почеток од 11 часот, ќе бидат доделени благодарници на институциите што придонеле за успешното спроведување на „Попис 2021“, а во вториот дел, со почеток во 12 часот, ќе бидат објавени податоците.

На презентацијата ќе се обратат директорот на ДЗС Апостол Симовски, заменик-директорот Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц. Се очекува присуство на премиерот Димитар Ковачевски, на членови на Владата, на претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од регионот и пошироко, велат од ДЗС.
Како што беше објавено по завршувањето на пописот, во текот на операцијата се попишани вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови.
Од ДЗС тогаш информираа дека, со примена на комбиниран пописен метод и со користење на новите техничко-технолошки алатки, се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на попис на терен. Изразено во проценти, 91 отсто од објектите за живеење биле предмет на попис, а 9 отсто се објекти што не беа предмет на попис.

Во Македонија последен попис се одржа во 2002-ра година. Пописот во 2011-та беше прекинат откако тогашните коалициони партнери Никола Груевски и Али Ахмети направија договор и го прекинаа.

За тој попис која “изгоре” околу 8 милиона евра народни пари беше отворена истрага во СЈО, но нема обвинети.
Дополнително поради короната беше откажан пописот пролетта 2020-тата.