Комисијата за заразни болести не предложила отворање на границите – Министерството за здравство демантира

12

Комисијата за заразни болести воопшто не ѝ предложила на Владата датум за отворање на границите и аеродромите без тестови и без задолжителен карантин, јавува СДК.МК.

Како што пишува порталот, Членовите биле известени од синоќешната владина одлука за отворање на границите од петокот, а аеродромите од идната среда.

-На прашање дали е вистина дека Комисијата за заразни болести на Владата ѝ предложила датум за отворање на границите и аеродромите, без никакви рестрикции д-р Жарко Караџовски, претседател на комисијата, кусо одговори: „За тоа ќе го прашате премиерот.“ Комисијата препорачала отворање на границите без ограничувања, но планирале допрва да се разговара за конкретен датум за отворање на границите и аеродромите и воопшто не го предложила 26 јуни (петок) како датум, како што изјави утринава премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција, пишува порталот.

Во меѓувреме, Министерството за здравство испрати демант, сметајќи ги како невистини објавените написи.

-На состанокот на 22 јуни Комисијата за заразни болести донесе одлука за препорака за отворање на границите и таа одлука заедно со другите одлуки и препораки за отворање на економски субјекти се доставени до Владата на Република „Северна“ Македонија, информираат од Министерството за здравство.

Претходно, техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференцијата во Владата истакна дека отворањето на границите не е политичка одлука, туку се темели на предлог на Комисијата за заразни болести.

– Отворањето на границите го најавуваме веќе подолго време зависно од анализите што ги прави Комисијата за заразни болести, а тие пред се, се темелат на тоа каква епидемиолошка слика имаме кај нас, во регионот и во поширокото опкружување. Европската унија ги отвори границите за државите членки на ЕУ, а од 1 јули се најавува и кон трети земји каде ќе бидат и државите од целиот наш регион така што ние мора да се научиме дека треба да живееме со вирусот, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, крупните рестриктивни мерки го дале својот максимум, а она што сега останува е преку личната одговорност да се придонесе колку е можно повеќе да се држи вирусот под контрола.