Координација во Собранието за францускиот предлог

0

На денешната редовна понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европска Унија. Претседателот на Собранието Талат Џафери во минатата изјави дека за тоа кога ќе биде закажана седницата на чиј дневен ред би била Информацијата ќе се разговара на координацијата в понеделник на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. „Во понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот, изјави Џафери.

Тој додаде дека за денеска е закажана пленарната седница за ребалансот на Буџетот, која е согласно роковите и за која дебатата треба да трае најмногу пет дена, но доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била Информацијата испратена од Владата. Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само Информација, а не и документите односно францускиот предлог, Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види.

Пратениците излегоа со различни ставови во врска со Информацијата и пленарната седница. Од СДСМ нагласуваат дека одговорноста е на законодавниот дом да донесе натамошни заклучоци, согласно собраниските процедури, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат од претседателот на Собранието да ја врати Информацијата во Владата бидејќи, како што велат, „не содржи ниту еден документ“.