Коронавирусот се прошири и во Пекинг, пријавени 139 нови случаи

14

Мистериозниот вирус сличен на САРС се прошири низ Кина, вклучително и во Пекинг, со што се зголемија стравовите од голема епидемија ширум земјата, додека милиони почнуваат да патуваат за лунарната нова година, јави Гардијан.

Властите објавија 139 нови случаи од новиот тип на коронавирус за време на викендот, двојно зголемување на вкупниот број заразени пациенти откако вирусот за прв пат минатиот месец е откриен во централниот кинески град Вухан.

Три лица починаа, а најмалку три случаи се пријавени во други земји: два случаи во Тајланд и еден во Јапонија. Денес медиумите во Јужна Кореја соопштија дека жена која патувала во Кина, исто така, е заразена со вирусот.

Пациентката е 35-годишна жена жителка на кинескиот град Вухан, која од Вухан во неделата пристигнала на меѓународниот аеродром Инчеон во Јужна Кореја, се вели во соопштението на јужнокорејскиот Центар за контрола и превенција на болести. Таа при влегувањето во Јужна Кореја е изолирана со симптоми на висока температура.

Откриени се случаи во Пекинг, Гуангдонг и Џеџанг, соопштија денес кинеските власти, зголемувајќи ги стравовите пред лунарните новогодишни празници, кога се очекува повеќе од 400 милиони Кинези да патуваат во Кина и во странство.

Во болницата Ксие во Вухан повеќе од 100 пациенти чекале денес преглед од 6 часот наутро, според вработен во болницата. „Ако доаѓате сега, треба да чекате три до четири часа пред да бидете прегледани“, вели вработен во болницата преку телефон, пренесе Гардијан.

Коронавирусите се пренесуваат меѓу животните и луѓето и сегашното избувнување во Вухан се поврзува со сега затворениот пазар на морска храна, каде, наводно се продавани живи животни.