Коронавирус: Лажно чувство на безбедност со ракавици за една употреба

Ракавиците за еднократна употреба не штитат од новиот коронавирус, туку напротив како распространувач на микроби ја зголемуваат опасноста од заразa.

13

Во супермаркетите, на пазарите, во секојдневието – сѐ почесто гледаме луѓе со ракавици за еднократна употреба со цел да се заштитат од зараза со коронавирусот. Во многу аптеки и веледрогерии со недели се распродадени и не може да се купат.

Користењето на ракавици за еднократна употреба е поради сознанието дека инфекцијата се пренесува преку капки од искашлување или кивање, или со допир, па така вирусот може да заврши на вашата рака. Ако потоа се допрете на лицето, очите, носот или устата, вирусот навлегува во телото.

Пропустлив материјал

Секако лекарите и медицинскиот персонал ги носат овие ракавици за еднократна употреба, но тие штитат само од груба контаминација, како што е од крв или други телесни течности. Но само краткорочно може да ве заштитат од контаминација со бактерии или вируси.

Бидејќи ракавиците за еднократна употреба се направени од порозен материјал и колку подолго се носат, толку полесно вирусите може да ја пробијат заштитната обвивка. Токму затоа медицинскиот персонал ги мие рацете и ги дезинфицира по отстранување на ракавиците за еднократна употреба. Токму затоа овие правила за хигиена се задолжителни и не ги заменуваат ракавиците за една употреба.

Загадени кваки
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.

Лажно чувство на заштита

Ракавиците за еднократна употреба од винил, латекс или нитрил даваат чуство на стерилизирана заштита, но во суштина ова е лажно чуство на заштита. Додека многумина носејќи ракавици за еднократна употреба се пазат да не си го допрат лицето, тоа случајно и незабележано го правиме многу често.

Дури и кога со вакви ракавици ќе го фатите мобилниот телефон или ќе бркнете во џеб, микробите се шират незабележано. За вирусот е неважно дали на лицето, а потоа и во телото, ќе заврши преку гола рака или преку ракавици за еднократна употреба.

Лекарите експлицитно предупредуваат од лажното чуство на заштита. Ракавиците за еднократна употреба напротив може да го зголемат ризикот од инфекција. Бидејќи рацете под ракавиците за брзо време почнуваат да се потат, а влажноста е идеална околина за бактерии и вируси од сите видови.

„Престанете да носите медицински ракавици. Тоа е еден хигиенски хаос од огромни размери“ – вака драстично реагираше во порака на Твитер и Фејсбук лекарот по општа медицина Марк Ханефелд. „Под ракавиците бактериите и вирусите се размножуваат со радост во влажната средина. Најдоцна по нивното остранување имате вистинска ‘канализација’ на рацете без дезинфекција. Честитки!“, вели докторот од северниот германски град Бремерворде.

Сличен став околу ракавиците за еднократна употреба има и пулмологот и интернист д-р Јенс Метјус, кој во интервју за СВР ги нарече „центрифуга “ за коронавирусот. „Тие не само што не штитат, туку напротив, се контрапродуктивни. За кратко време на површината на овие ракавици се собираат многу повеќе бактерии отколку на штотуку измиени раце“, вели Метјус.

 

Правилно отстранување!

Ако во моментов сакате да се заштитите себеси и вашите блиски од коронавирусот, тогаш подобро држете се до главните препораки – редовно мијте раце, држете растојание, останете дома – и воздржете се од користење на ракавици за еднократна употреба.

Оној кој сепак сака да ги користи овие ракавици, мора по нивната употреба правилно да ги отстрани, а не како што сме често сведоци деновиве – да бидат фрлени насекаде и на отворено.

Фрлањето на ракавиците за една употреба каде било, или намерно оставени во корпата за купување, е опасно и антисоцијално. И тие, исто како и заштитните маски, мора да се стават во затворена кеса и потоа да се фрлат во ѓубре – тоа го препорачуваат и од „Роберт Кох“ институтот.