Коронавирус: Трамп стравува од 100 илјади починати во САД

43

Американскиот претседател прво се обидуваше вербално да ја намали опасноста од коронавирусот. Сега признава дека САД би можеле да имаат најмалку 100 илјади починати, додавајќи: „Ова е ужасна бројка“.

Американскиот претседател Доналд Трамп целосно го промени ставот кон коронавирусот, продолжувајќи ја вонредната состојба во САД за уште еден месец, но и истакна дека пикот од епидемијата дури претстои. Со тоа, по низа потези кои покажуваа донекаде лежерен став, го прифати мислењето на бројни здравстени стручњаци и на научната заедница.

Во обраќањето, Трамп истакна дека ќе „биде добро“ ако неговата администрација успее да го задржи бројот на починати од Ковид-19 до 100.000, што е неверојатен пресврт во однос на неговите поранешни оптимистички предвидувања, во рамки на кои рече и оти се надева на повторно придвижување на економијата на земјата до Велигден.

Воедно, американскиот претседател ги нападна новинарите, но изнесе и огнени обвинувања дека здравствените работници крадат маски, иако за тоа не приложи ниту еден доказ.

Трамп најави дека периодот од 15 дена социјално дистанцирање кое го побара федералната влада, а кое треба да истече, ќе биде продолжено до 30 април, и изрази надеж оти земјата ќе може да се врати во нормала до 1 јуни.

ФДА: Лекот за маларија може да се користи за лечење од Ковид-19

Во меѓувреме Американската сојузна агенција за лекови (ФДА) одобри примена на хлорокин и хидроксихлорокин за лечење на заболените од коронавирусот во болнички услови. ФДА вчера даде зелено светло оваа терапија да се препише на пациентите заболени од Ковид-19, „кога клиничките испитувања не се достапни или не е изводливо“. Американскиот претседател Трамп на 24 март позитивно зборуваше за оваа терапија во борба против коронавирусот.