Косово доби нова влада: Самоопределување и ДСК потпишаа договор

11

Претседателите на Движењето самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, Албин Курти и Иса Мустафа, потпишаа договор за владејачката коалиција.

Курти и Мустафа го објавија потпишувањето на договорот на вонредна прес-конференција во зградата на косовското собрание во Приштина.

„На еден ден сме од седницата на Собранието на Косово на која можеме да бираме нова влада. Денес се сретнавме со претседателот на ДСК, професорот Иса Мустафа и се сретнавме и се договоривме утре да избереме нова влада. Веќе го потпишавме договорот и договоривме сè, вклучувајќи ја и поделбата на одговорностите во новата влада во која заеднички ќе управуваме“, рече Курти.

„Постигнавме договор. Верувам дека тоа е добра работа, во интерес на промените што нужно мораат да се случат. Ги истраживме сите алтернативи и опции. Она што сакаме во иднина е оваа влада да биде успешна и да ги исполни очекувањата на граѓаните“, рече Мустафа.

Според договорот, владата ќе има 15 министерства – шест на движењето, шест на ДСК, три малцинства, пренесува РТС.

Не е кажано колку ќе добие Српска листа.

Договорот треба да биде потврден и од највисоките органи на двете партии, што се очекува во текот на денот, а пред утрешната собраниска седница, каде мандатарот Албин Курти би требало да го претстави својот кабинет пред пратениците и да побара поддршка.

Се очекува потпретседателот на Самоопределување Глаук Коњуфца, кој на 26 декември е избран за претседател на Собранието, да се повлече од функцијата, со што би се отстапило место за потпретседателката на ДСК, Вјоси Османи.

Местото беше „јаболко на раздорот“ во преговорите меѓу двете страни за заедничко управување со новата косовска влада.