Косово идната есен повторно ќе аплицира за членство во УНИЦЕФ

18

Министерот за култура, млади и спорт на Косово, Хајрулах Чеку најави дека неговата држава идната есен ќе аплицира за зачленување во Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, УНЕСКО, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за телевизијата Теве1, Чеку изјави дека со аплицирањето за зачленување во УНЕСКО и во други меѓународни организации се потврдува суверенитетот и независноста на Косово.

– Јас верувам дека при наредната можност треба да се аплицира. А таа можност ќе дојде наредната есен, затоа што генералната конференција на УНЕСКО се собира секои две години и ова е можност за аплицирање. Аплицирањата во Советот на Европа, во Европската унија, во НАТО, а многу наскоро и во УНЕСКО, се природни дејствија кои ги потврдуваат суверенитот и независноста на Косово, изјави Чеку.

Тој ја потврди информацијата дека во текот на овој месец Приштина ќе поднесе барање за добивање на статусот на земја кандидат за зачленување во ЕУ.

– Верувам дека со истата логика треба да продолжиме и со УНЕСКО и со другите меѓународни организации и институции, рече Чеку.

При последниот обид да се зачлени во УНЕСКО, на конференцијата во 2015 година, Косово не успеа да го обезбеди потребниот број гласови од земјите – членки, поради силното противење и лобирањето на Србија и на нејзините сојузници.