Косово и Србија го имаат „клучот“ на договорот во Белград и Приштина

ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА, РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА

36

Косово и Србија не треба да го бараат „клучот“ на конечниот договор во Вашингтон, Брисел или Берлин, туку во Белград и Приштина. Ова го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во ексклузивното интервју за весникот КОХА. Во интервјуто, таа зборува и за регионалната безбедност, обврските на Армијата од членството во НАТО и нејзините приоритети за модернизација на војската. Меѓу другото, Шекерниска ги повика припадниците на Армијата кои одат во мисии, доколку некој им побарал мито, да се охрабрат и да пријават. Било каква информација или доказ за таков притисок ќе се истражи до крај и ќе се реагира – вели министерката за одбрана, бидејќи тоа не е само кршење на законот туку кршење на заклетвата кон Армијата. Такво нешто, вели Шекеринска, нема да се толерира.

 Дестан ЈОНУЗИ

КОХА: Кои се плановите за модернизација на армијата за време на овој мандат? Бидејќи веќе се овезбедија униформи и чизми.

ШЕКЕРИНСКА: Проблемите што постоеја во 2017 година, значи на почетокот на првиот мандат не ни дадоа многу простор за избор. Тие беа толку големи и долготрајни што дефинитивно мораше да бидат приоритет. Во првиот мандат имав две цели: првата беше Северна Македонија да стане членка на НАТО и втората цел беше да престанеме да зборуваме за недостаток на униформи и чизми во Армијата. И, навистина, гледајќи ги овие две големи прашања, можам да кажам дека Владата постигна 100% успех. Станавме членка на НАТО по 30 години чекање и за прв пат можеме да кажеме дека припадниците на Армијата се целосно опремени со нови униформи и чизми. За членка на НАТО, ова не е некој голем комплимент. Тоа, велат луѓето, се подразбира, ама во последните 20 и кусур години не се подразбирало. Она за што сум горда и задоволна е што веќе нема да дозволиме овие прашања да бидат тема во наредниот период.

Секоја година ќе купуваме одредена количина чизми и униформи, ќе создаваме неопходни залихи за да не се повтори истиот проблем. 

Но, фокусот сега ќе ни биде поамбициозен: модернизација на Армијата, воедно и како дел од нашите обврски како членка на НАТО. На крајот на минатата година го потпишавме првиот договор со Соединетите Американски Држави за снабдување на Армијата со лесни оклопни возила и веќе на крај на 2021 или почетокот на 2022 ги очекуваме првите модерни оклопни возила што ги користат и американски војници. Вкупно ќе обезбедиме околу 150 возила, а веќе нарачавме и плативме 33 оклопни возила.

КОХА: Армијата на земја-членка на НАТО, секако, бара зголемување на буџетот. Кои се буџетските проекции?

ШЕКЕРИНСКА: Дури и пред да стане членка на НАТО, Северна Македонија направи план, во која година колку средства од буџетот ќе бидат распределени на Армијата. Според нашиот план, секоја година одиме на зголемување за 0,2% од бруто домашниот производ (БДП), со цел да достигнеме два проценти од БДП до 2024 година. Секоја година ќе имаме раст, но овие пари ќе бидат тука. Ние сакаме парите што ги издвоуваме да значат подобра заштита за земјата и нејзините граѓани, позадоволна и подобро опремена Армија, а воедно  тие ќе се и наша лична карта во НАТО.

КОХА: Според стандардите и правилата на НАТО, воздушниот простор на секоја земја-членка е контролиран од две други земји-членки. Кој го контролира воздушниот простор на Македонија по членството на земјата во НАТО?

ШЕКЕРИНСКА: Имаме договор за одбранбена соработка со Грција, кој е потпишан од страна на двајцата министри. Техничкиот дел од аранжманот го потпишаа началниците на генералштабовите на двете армии. Но сега тоа веќе нема да биде билатерален однос меѓу двете земји. Тоа ќе биде мисија на НАТО и за тоа постои НАТО процедура што ќе треба да биде целосно заокружена. Потпишан е договор за заштита на воздушен простор со Грција и секако дека ќе треба да се потпише со уште една земја-членка на НАТО, за што сè уште не сме одлучиле. И за ова прашање ќе одлучиме заедно во НАТО. Значи, ова не е билатерален однос, туку една од мисиите на НАТО.

КОХА: Следува конкурсот за прием на 200 нови професионални војници. Кои се критериумите и условите? Како е етничката застапеност во нив?

ШЕКЕРИНСКА: Во тек е огласот за прием на 200 нови професионални војници и ги охрабрувам сите помлади од 25 години кои имаат завршено средно образование да се пријават. Ова е добра можност за кариера, која не е само домашна, туку сега може да биде и кариера во НАТО. Пред извесно време го затворивме конкурсот за прием на 70 професионални војници, чија постапка беше започната пред пандемијата, пред изборите и затоа не можевме да го затвориме на време. На пример, на овој конкурс над 24 проценти од примените се Албанци, и уште девет припадници на турската, ромската, бошњачката заедница. Ние водиме голема грижа за соодветна застапеност на сите заедници. Поголем проблем се јавува при уписите на Воената академија, бидејќи се пријавуваат малку Албанци. На последниот конкурс во Академијата беа примени сите кои се пријавиле и ги исполниле условите, но понекогаш и тоа не е доволно. Од тука повикувам на поголем интерес. Ние сакаме да се пријават повеќе и подобри кандидати. На последниот конкурс за професионални војници имавме огромен интерес. За 70 места имавме над 700 пријавени кандидати, што е рекордна бројка во последните 15 и повеќе години. Членството на земјата во НАТО ја направи професијата поатрактивна, но се подразбира дека зголемувањето на платите на припадниците на Армијата беше причина за зголемениот интерес. Во последно време имаме и голем број млади девојки, не само Македонки, туку и Албанки и Ромки, кои конкурираат. На една од нив имав можност и да и честитам што на физичките тестови беше меѓу најдобрите. Родовата застапеност за мене сеуште не е задоволителна, особено во делот на војниците и бројката достигнува околу 10%. Додека во администрацијата и цивилите лица на Армијата, бројот е поголем. Но сега во секој гарнизон има луѓе кои работат на подобрување на родовите прашања и тоа ќе ги стимулира девојките да се пријават но и да останат во Армијата.

КОХА: Во минатото во Специјалните единици на армијата „Волци“ и „Ренџери“ немаше припадници на албанската заедница. Дали се промени оваа ситуација? И, во меѓувреме овие две единици според стандардите на НАТО ќе функционираат како едно тело и со една команда?

ШЕКЕРИНСКА: Во секоја земја Специјалните армиски единици се елитни сили. Покрај со Лесната пешадиска борбена група, ние на барањата на НАТО мораме да одговориме и со одреден број припадници на специјалната единица што ќе биде дел од нашите ресурси. Меѓутоа, кога велите елитна структура, тогаш мора да имате предвид дека таа ја одразува и сликата на државата што ја претставува. Трансформацијата ја зафати целата Армија, дел од командите се здружуваат, формирани се и нови команди. Специјалните единици сега во новата структура не се под Генералштабот, туку се под Оперативната команда, која се наоѓа во Куманово. Има многу промени, а некои од нив ги опфатија и специјалните единици и факт е дека за прв пат по 20 години успеавме да имаме припадници на албанската заедница и другите етнички заедници затоа што сметаме дека ова е дополнителна сила на една држава. Од 1 септември започнаа и други постапки за нови трансформации, во Генералштабот и други единици. Нашата цел е да бидеме подобри, попрофесионални на сите нивоа, но и да покажеме дека вратите се отворени за сите.

КОХА: Сега сме членки на НАТО, што понатаму?

ШЕКЕРИНСКА: Во првото полувреме сите бевме фокусирани на целта – членство во НАТО, ова се постигна, а сега е второ полувреме и тоа е потешко. Сега мора да покажете дека не ја држите фотелјата во НАТО само формално, туку седите на тоа столче затоа што другите сојузници на Алијансата можат да сметаат на вас. Ова ќе е уште потешка и поодговорна мисија за нас и за мене како министер. Сега сите сме на тест, дали сме сериозни во она што сме го зборувале и дали сме сериозни како земја и граѓани. Покрај знамето на НАТО кое го имаме покрај нас, сакаме да додадеме уште едно знаме – тоа е знамето на ЕУ. Двете работи се блиско поврзани. Како ќе се покажете на масата на НАТО така ќе ве ценат и кога ќе седнете да преговарате со ЕУ. Ако сме сериозни, одговорни, ако ни “тежи зборот” – истиот имиџ ќе го имаме и во ЕУ и ќе ни веруваат повеќе. Затоа членството во НАТО за нас е огромна одговорност, но и многу голема шанса. Јас сум убедена дека на многу фронтови нашата влезница во НАТО ќе ни ги отвори и ЕУ вратите.

КОХА: Како ги оценувате меѓусоседските односи во регионот?

ШЕКЕРИНСКА: Живееме во свет кој не смее да престане да размислува за безбедноста. Северна Македонија е една од земјите која побарала поддршка од НАТО кога и била потребна и ја добила оваа поддршка. Но, сега не сме присутни на масата на НАТО за да дискутираат за нас, туку сме тука за да разговараме за проблемите, да разговараме за Авганистан, но исто така и за Косово, вклучувајќи го и дијалогот Приштина-Белград. Да дискутираме за хибридните закани, за сајбер закани, итн. Мислам дека наша голема одговорност беше како влада да потврдиме дека сакаме државата да придонесе за регионалната безбедност и затоа се одлучивме за прв пат да испратиме свои припадници на Армијата, како НАТО земја членка, да се приклучат на КФОР на Косово. Очекувам ова да стане реалност до крајот на оваа година, а следната година ќе имаме уште поголем број припадници на Армијата во мисијата КФОР на Косово. Дел од нив и заедно со Националната гарда на Вермонт од САД.

КОХА: Дијалогот Косово-Србија влезе во последната фаза! Дали мислите дека Приштина и Белград можат да постигнат решение?

ШЕКЕРИНСКА: Јас сум по природа оптимист и верувам дека дури и најсериозните проблеми може да се решат кога постои политичка волја. Сепак, во сите спорови, не само во нашиот регион, туку и во светот сè додека не заврши сè, никој не може да гарантира дали ќе има решение или не. Решението за сите проблеми не може да се најде ниту во Вашингтон, ниту во Брисел, ниту во Берлин. Политичката волја мора да ја најдеме дома. Доколку постои политичка волја во Белград и Приштина, ќе се најде решение. И дефинитивно, ова решение ќе биде инвестиција во регионалната стабилност. И сите го посакуваме тоа, да завршат проблемите, да не се создаваат сиви зони, дилеми и лоша атмосфера меѓу соседите. Имаме многу заеднички проблеми со кои секојдневно се соочуваме сите, ковид, економија, закани од глобален тероризам итн. Овие проблеми се веќе сериозни. Ако немате меѓусебно разбирање и доверба со соседите, овие проблеми стануваат уште потешки.

КОХА: Од кога сте вие на чело на Министерството за одбрана, поставивте нови правила за припадниците на Армијата кои сакаат да одат во мировни мисии. Кои се тие?

ШЕКЕРИНСКА: Интересот на припадниците на Армијата да учествуваат во мировни мисии е голем. Беше голем кога дојдов на чело на министерството, сè уште продолжува да биде голем затоа што учеството во мисија им дава можност на припадниците на Армијата да решаваат и егзистенцијални проблеми. Но, во меѓувреме променивме некои правила. Кај професионалните војници јас воведов правило за луѓето што веќе биле на мисија, да не дозволиме да одат по втор пат. Сè додека постои голем интерес, на другите што ги исполнуваат условите исто така треба да им се даде можност да одат во меѓународните операции на НАТО, ЕУ или ООН. Втората промена беше да ги подобриме плаќањата. Ние имавме серија на тужби во судовите до 2017 година, бидејќи припадниците кои биле во мисија не ја примале платата, туку добивале само надомест. Воспоставивме систем така што платата на сите кои се во мисија доаѓа тука на денарска сметка, додека сите други дневници се земаат како дополнителни средства. Во оваа насока, ги зголемивме за околу 500 евра месечните приходи на професионални војници и подофицерите кои учествуваат во мировни мисии. Интересот за мировни мисии и во Авганистан и во Косово е голем, заради финансиските придобивки, но и заради искуствата стекнати за време на мисијата. Има повеќе интерес за мировната мисија на НАТО на Косово, веројатно заради близината. Но без разлика што Косово е поблизу од Авганистан, треба на сите да им биде јасно дека шесте месеци постојано ќе ги поминат во мисијата. Ќе водиме сметка за тоа, за да има еднаквост, за да има ред, но и за подобра заштита од Ковид.

КОХА: Се дава и се бара мито за учество на некои од војниците во мировни мисии во Авганистан, но сега се зборува дека се бара мито и за мисијата на КФОР во Косово. Се зборува за износи до 5 илјади евра. Дали има вистина во овие гласини?

ШЕКЕРИНСКА: Има такви гласини, дури имаше и некои истраги во рамките на Министерството и тоа беше, на пример, образложението зошто некои луѓе неколку пати биле во мировни мисии во Авганистан, додека некои никогаш и постојано биле одбивани. Затоа и го воведов правилото дека едно лице не може двапати да оди во мировна мисија. Ги повикав сите што имаат такво искуство да дојдат и да покренат иницијативи. Толеранцијата за такво нешто е нула. Ги охрабрувам луѓето да пристапат со било каков доказ или пример. Ако некој врши притисок и бара мито, тоа не е само кршење на законот, туку и на заклетвата дадена кон Армијата. До ден денеска немаше ниту еден припадник кој дошол и кажал – тој и тој ми побара. Инаку, доколку биде пријавено, ние ќе имаме буквално нулта толеранција и ќе се истражи до крај и ќе се реагира. Сакам да им порачам на припадниците на Армијата да не наседнуваат бидејќи такви злоупотреби, ако добиеме било какви информации и докази,  нема да толерираме. Во мисиите го браниме образот на државата, но и образот на НАТО. Секој што има такво искуство мора да го пријави и мора да се реагира, а ниту јас ниту Генералштабот не смееме да имаме ни трошка толеранција. (koha.mk)