Котевска, Стефанов и Георгиев од „Медена Земја“ поканети за членови на Академијата која доделува Оскар

17

Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, како и продуцентот и монтажер на македонскиот документарен филм „Медена Земја“, Атанас Георгиев, се поканети да бидат членови на Американската академија за филмски уметности и науки.

Академијата е светски препознатлива како телото кое доделува Оскар, најпрестижната филмска награда во светот.

Во „Класата 2020 година“ Академијата покани вкупно 819 филмски професионалци за нови членови. Оние кои ќе го прифатат членството ќе имаат можност да гласаат во изборот на следните добитници за наградата Оскар.

Оваа година од Академијата соопштија дека воделе особено внимание за зголемување на бројот на жени и припадници на етничките и расните малцинства кои ќе бидат дел од оваа институција. Од сите примени 45% се жени, а 36% се припадници на етнички и расни заедници кои досега беа застапени многу малку во Академијата. Половина од новопримените членови доаѓаат надвор од Соединетите Американски Држави, а застапени се филмски професионалци од 68 различни држави.

„Академијата е пресреќна што може да ги покани овие успешни колеги патници во филмските уметности и науки. Ние секогаш со отворени раце го прифаќаме извонредниот талент кој ја отсликува богатата разноликост во нашата глобална филмска заедница, никогаш повеќе од сега“, рекол претседателот на Академијата, Давид Рубин.

„Медена Земја“ оствари историски успех за земјава со двете номинации за Оскари, во категориите за најдобар странски филм и најдобар документарен филм. Истовремено македонскиот филм стана единствен документарец во историјата на овие награди кој истовремено бил номиниран и во категоријата за најдобар странски филм.