Кој ќе го добие мандатот од Пендаровски?

16

Силна шпекулација вчера доцна вечерта ја „потресе“ јавноста, дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пред договор за формирање влада, со Лазар Еленовски како премиер, кој на некој начин би го исполнил и барањето на ДУИ.

На ова Бујар Османи од партијата на Али Ахмети рече дека нема коментар за написите дека ДУИ е на чекор до коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но потоа како да се предомисли.

По кус период Бујар Османи за ТВ 21 ги демантира ваквите информации, уверувајќи дека ДУИ не е изворот од каде тие потекнуваат.

„Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ, но нема никаков договор и со СДСМ“, изјави вицепремиерот во заминување.

Од ВМРО-ДПМНЕ не ги ни потврдиле, а не ги ни демантирале овие шпекулации, откко нивниот лидер Христијан Мицкоски во неколку наврати тврдеше дека ќе се обидат да формираат влада, но ја најави и можноста да останат по опозиција, бидејќи нема да влезат во влада по секоја цена.

А овие меиумски шпекулации следуваа откако лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера оствари средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев. Заев, пак, седна на заедничка маса и со Зијадин Села и Африм Гаши.

По сите вакви медиумски текстови, вчера некои кругови од СДСМ неофицијално за Фактор тврдеа дека тие ќе прават сосема сигурно влада. Една од опциите, секако, е да се прави влада и со ДУИ, но сепак велат дека ништо не е извесно.

Партијата на Зоран Заев, пак, претходно во текот на верашниот ден, испрати соопштение во кое обзнани како и со кого ќе преговара за новото парламентарно мнозинство и влада, и какви услови ќе постави со новите партнери.

„СДСМ почнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.

Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика ‚Северна Македонија – Едно општество за сите'”.

Разговараме за Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме“, соопштија денеска социјалдемократите.