Крвави протести во Иран: Убиени 143 лица, запалени стотици банки

15

Околу 731 банка и 140 владини канцеларии се запалени во неодамнешните немири во Иран, изјави денес министерот за внатрешни работи Абдолрез Рахмани Фазли, пренесе новинската агенција ИРНА.

Повеќе од 50 бази кои ги користат безбедносните сили биле нападнати, а околу 70 бензински пумпи исто така биле запалени, рече тој, без да прецизира каде се случиле нападите, пренесе Ројтерс.

Според ИРНА, Рахмани Фазли изјави дека до 200.000 луѓе учествувале во немирите низ целата земја што започнаа на 15 ноември по објавата на владата за зголемување на цената на бензинот.

Амнести Интернешнл, со седиште во Лондон, во понеделникот објави дека најмалку 143 демонстранти се убиени за време на демонстрациите, најтешките антивладини немири во Иран откако властите ја задушија Зелената револуција – протести поради изборна измама во 2009 година.

Иран ги негира бројките на Амнести и рече дека неколку лица се убиени, вклучително и припадници на безбедносните сили и дека илјадници се уапсени. Центарот за човекови права во Иран со седиште во Њујорк соопшти дека се уапсени скоро 4.000 лица.

Протестите наскоро станаа политички со повик на врвните лидери да поднесат оставка. Владата ги обвини „разбојниците“ поврзани со бегалците како и САД, Израел и Саудиска Арабија за поттикнување улични немири.

Протестите се случија во време кога новите американски санкции наметнати оваа година го прекинаа речиси целиот ирански извоз на нафта.