Кренар Лога од Струга е изборот на Алијанса за Албанците за нов член на ДИК, ДУИ ја задржа досегашната потпретседателка

11

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница со 9 гласа „за“ ја изгласа предлог-одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Како што веќе објавивме, за претседател на ДИК е предложен Александар Даштевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој има минат труд бидејќи беше избран за член на Комисијата и пред парламентарните избори во 2006 година, тогаш како кадар на ВМРО-НП.

За потпретседателка Дитмире Шеху од ДУИ, која и сега е потпретседател на Комисијата.

Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Бобан Стојаноски, правник во Собранието.

СДСМ ја даде поддршката за кандидатурите на Борис Кондарко и Радица Ристеска, актуелни членови на ДИК, како и за Оливер Ристовски, поранешен заменик-министер за правда. На огласот што го распиша Собранието се јави и досегашниот член на ДИК Јанаке Витановски, а ама овој пат тој не е на листата на СДСМ.

Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива ја поддржа кандидатурата на Кренар Лога, правник од Струга. Тој доаѓа на местото на досегашниот член од Беса, која го изгуби местото во ДИК, затоа што стана владејачка партија.

Старо-новиот состав на ДИК треба да биде изгласан со двотретинско мнозинство на пленарната седница закажана за денеска.

Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15-ти овој месец.