Криза на владата во Словенија поради скандал со респиратори

22

Министерот за внатрешни работи поднесе оставка, министерот за економија беше приведен – скандал со опрема за борба против Ковид-19 ја тресе словенечката влада.

Словенија ја тресе корупциски скандал поврзан со набавка на респиратори за пациенти со Ковид-19. Полицијата вчера го приведе министерот за економија Здравко Почивалшек, кој е осомничен како одговорен за сомнителната набавка. Според иследниците, Министерството за економија набавило по превисока цена заштитна облека и респиратори за тешко болни пациенти од Ковид-19. Освен тоа, при набавката биле фаворизирани одредени фирми, иако материјалот не бил соодветен, тврди истрагата. Почивалшек, кој ги отфрла обвинувањата, беше во притвор неколку часа.

Непосредно потоа оставки поднесоа министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и директорот на полицијата Антон Травнер. Хојс упати тешки обвиненија на сметка на обвинителството и полицијата. „Истрагата (против Почивалшек) е политички мотивирана“, тврди тој. Според него, во органите за кривично гонење и полицијата имало структури на т.н. „држава во држава“ останати уште од времето на Југославија. Коментаторите во Словенија во драматично инсценираниот настап на Хојс гледаат стратегија на деснонационалистичкиот премиер Јанез Јанша да ги стави под своја директна контрола досега независните органи на власт.