Кристијан Тимоние прогласен за почесен граѓанин на Крива Паланка

17

Крива Паланка, 8 октомври  Во Националната установа Центар за култура – Крива Паланка денеска се одржа свечена академија по повод 8 Октомври – Денот на ослободување на Општината, на која беа доделени годинашните награди и признанија за особен придонес во повеќе области, како и признанието почесен граѓанин на Крива Паланка што му беше доделено на Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во земјава.

Признанието на амбасадорот Тимоние му беше врачено во знак на благодарност на граѓаните на Крива Паланка за повеќегодишната соработка помеѓу Општината и Амбасадата на Франција и за неговото лично залагање и посветеност во продлабочувањето на оваа соработка.

– Ова признание за мене има тројно значење: меѓународно, билатерално и лично. Интернационално затоа што вашата општина и земја даваат голем придонес во големата Меѓународна организација на франкофонијата, чијашто членка е државата од 2006 година, а тука се промовираат вредностите на човекови права и слободи.  Билатерално, бидејќи Франција ја поддржува Република Северна Македонија од независноста до денес на патот кој води до европските и евроатланските структури, а иницијативите на нашиот претседател (Емануел)  Макрон ние ги реализираме како политики и ги спроведуваме на Балканот, за интеграција во ЕУ, за достигнување повисоки стандарди на вашите институции. И на личен план, многу ми значи што имав среќа да бидам амбасадор во убава земја од која се очекуваат чуда, да погледаме кон иднината и да се мобилизираат што повеќе таленти. Посакувам Република Северна Македонија што поскоро да го добие своето место во европското семејство, а јас следниот пат кога ќе дојдам во Крива Паланка, навистина, мои сограѓани, ќе се чувствувам како дома, рече Тимоние.

Општинската награда „8-ми Октомври“ за 2019 година му беше врачена на прим. д-р Сретимир Николовски од Крива Паланка за неговото повеќедецениско работење во областа на медицината, кое има значење за развојот на Општината.

Наградата „Признание  за особени постигнувања  и придонес  за развојот  и афирмацијата на Општина Крива Паланка“ за 2019 година, му беше доделена на младиот кошаркар Андреј Јакимовски од Крива Паланка за посебни заслуги во промоција, афирмација и достојно претставување на општината и државата надвор од границите и ширум Европа во областа на спортот. Благодарница во чест на празникот на Општината, 8 Октомври, му беше доделена за Кошаркарски клуб „Крива Паланка“, за нивните достигнувања во областа на спортот на домашна и меѓународната сцена.