Курти: Во јануари очекуваме договор за коалиција со Демократскиот сојуз на Косово

6

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово откако неговата партија победи на парламентарните избори, изјави денеска дека очекува во јануари да биде постигнат договор за формирање заедничка влада со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Генералниот совет на партијата, Курти рече дека договорот за коалиција доцни поради тоа што во досегашниот тек на преговорите „имаше барања преку мандатот“. ВВ, додаде тој, несебично ја понуди на ЛДК едната од функциите што гласачите ѝ ја доделија нејзе, онаа на собранискиот спикер, меѓутоа таа понуда беше одбиена од партијата на Иса Мустафа.

– Во јануари имаме пред себе постигнување договор со ЛДК. Осумдесет дена не беа доволни за да го постигнеме договорот кој се бараше бидејќи имаше барања преку мандатот. Ние добивме јасна порака на изборите: вчерашната опозиција да биде идна позиција. Ние како движење се трудиме да ја исполниме таа порака. Ние ја понудивме едната од двете функции кои граѓаните ни ги доделија нам, ја понудивме позицијата на претседател на Парламентот, но тоа беше одбиено, рече Курти.

По одбивањето на поканата од претседателот Хашим Тачи за средба на која треба да му се додели премиерскиот мандат, Курти рече дека датумот за формирање на новата влада ќе го определи партијата на Мустафа, а не Тачи. Тој рече дека ќе се сретне со претседателот, но дури откако ќе се постигне договор за заедничка влада со ЛДК.

Споерд лидерот на ВВ, во годината која завршува немаше значајни настани и успеси, се до изборите на 6 октомври.

По отворањето и обраќањето на Курти, седницата на Генералното собрание на ВВ, која се одржува во хотелот „Гранд“ во Приштина, подолжува без присуство на новинарите.