Курти: Изборите беа референдум, дијалогот со Србија не е главен приоритет на новата влада

32

Кандидатот за косовски премиер од движењето Самоопределување Аљбин Курти изјави дека резултатите на неделните избори на Косово биле „референдум за правдата“, а дека дијалогот со Србија ќе биде „петти или шести приоритет“ на новата влада.

„Победивме на овие избори. Ова беше референдум за правдата и за работата против заземањето на државата и корупцијата. Тоа е нешто без преседан во повоено Косово“, кажа Курти.

Лидерот на Самоопределување им се заблагодари на активистите и симпатизерите на доброто управување со изборниот процес, а особено ѝ се заблагодари на дијаспората која во голем број дошла да гласа на изборите.

Курти им се заблагодари и на политичките противници на фер трката.

„Нема да му се одмаздуваме на никого, но ќе бараме одговорност“, кажа Курти и соопшти дека дијалогот за нормализација на односите со Србија ќе биде „петти или шести приоритет на неговата влада“.

Според објавените резултатите врз основа на над 90 отсто преброени гласови победник на изборите е движењето Самоопределување кое освои 47,72 отсто од гласовите.

На второто место е Демократската партија на Косово со 17,52 отсто, додека на трето место е Демократскиот сојуз на Косово со 13,36 отсто.

Алијансата за иднина на Косово доби 7,46 отсто, а Социјалдемократската иницијатива со овие резултати останува надвор од парламентот, бидејќи има 2,8 отсто од гласовите.