Курц: Во текот на летото 2021 година ќе ја победиме пандемијата

36

Австрискиот канцелар Себастијан Курц им се обрати на граѓаните по повод претстојниот Божик со говор на надеж.

„Тековната 2020 година беше неверојатно тешка. Верувам, а и сите сме обединети во тоа, дека се радуваме на денот кога конечно ќе можеме да се вратиме во нормала и светот ќе биде таков каков што го знаеме и цениме“, истакна Курц.

Тој рече дека не сака да зборува многу за тоа колку е тешко бидејќи на Божик се слават надежта и благодарноста.

Тој им се заблагодари на граѓаните за истрајноста и издржувањето на ситуацијата. Божик, како што нагласи, е празник на надежта и за надежта, вели тој, има посебна причина укажувајќи на вакцинирањето што во Австрија ќе почне в недела.

„Со секоја вакцинација ќе бидеме поблиску до победата над пандемијата. Отсекогаш се знаеше дека есента и зимата ќе бидат многу тешки. И тоа важи и за месеците на почетокот на 2021 година. Тие ќе бидат голем предизвик, но колку потопло, толку повеќе вакцинирани, летото ќе биде поблиску и ситуацијата ќе биде подобра“, посочи тој.

Курц изрази уверување дека Австрија ќе може да се врати во нормала во текот на летото.

„Во текот на летото 2021 година заедно ќе ја победиме панемијата. Среќни празници во тој поглед и ви благодарам за поддршката. На сите им посакувам 2021 година да биде добра година“, заклучи тој.