Куќен притвор за актерката Силвија Стојановска – осомничена за меѓународна трговија со дрога

27

Актерката Силвија Стојановска и уште едно машко лице В.Б. беа изнесени во 14.40 часот пред судија на претходна постапка во Основниот кривичниот суд и за нив се бараше мерка притвор од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Судијата на претходна постапка Ненад Савески ѝ одреди куќен притвор на актерката, а притвор на В.Б, пишува Сакамдакажам.мк.

Неофицијално, двајцата се приведени во координирана истрага со три земји под сомневање за меѓународна трговија со дрога и незаконски меѓународни трансакции. Овој случај го води Обвинителство за организиран криминал и корупција, бидејќи неофицијално се работи за организирана група која ги вршела криминалните дејствија. Извори за Сакамдакажам.мк велат дека во оваа фаза од постапката, сè уште не се знае точната улога на актерката во истрагата.

Никој во моментов од надлежните органи не сака да зборува за овој случај и најавуваат информации за два или три дена.

59-годишната Силвија Стојановска е реномирана театарска, филмска и телевизиска глумица, членка на ансамблот на Драмски театар, каде во 2005 беше и директорка. Последната филмска улога ѝ беше во „Ослободувањето на Скопје“ пред 3 години, а сега е актуелна во ТВ-серијата „Фамилијата Марковски“.